Министерството за правда го достави до Владата мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, согласно заклучокот од 50-тата седница на Владата одржана на 11 февруари. Овој потег следи по серија скандали, нарушени меѓучовечки односи и сомнежи за незаконски постапувања во Јавното обвинителство.
Во соопштението од Министерството за правда се наведува дека во изминатиот период јавноста била сведок на неефикасност во кривичното гонење, корупција и нарушување на принципите на обвинителската организација. Државниот јавен обвинител, според Министерството, постапувал во предмети каде што постоеле околности кои доведувале во прашање неговата непристрасност и судир на интереси.
„Дополнително, во јавноста излегоа информации за предмети во тек, со што беше нарушена обврската за тајност во постапките“, стои во соопштението на Министерството за правда.
Од таму посочуваат дека Законот за Јавното обвинителство предвидува дека државниот јавен обвинител е одговорен за општите состојби во обвинителството и одговара пред Собранието, кое е надлежно за негово именување и разрешување.
Владата на 11 февруари донесе одлука да поведе постапка за негово разрешување.
– Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од нефункционалниот систем и продолжувањето на ваквите состојби ја нарушија довербата во правната држава – изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа посочи дека ваквата одлука била донесена по објавата на Индексот за транспарентност на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, каде што состојбите во обвинителството и судството биле издвоени како клучни проблеми. Дополнително, таа го наведе и последното назначување на вршител на должност шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, кое, според Владата, било незаконско.
Иако мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, Владата бара негово предвремено разрешување поради сомнежи за незаконско постапување. Посочено е дека Коцевски го именувал вршителот на должност во Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрулахи, без законски основ.
Од друга страна, обвинителот Коцевски ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека неговите одлуки биле во согласност со законот.
– Не станува збор за незаконско назначување, туку за временско определување на раководител кој ќе гарантира професионално и објективно работење на Вишото јавно обвинителство во Скопје до завршување на дисциплинската постапка против обвинителот Хајрулахи – изјави Коцевски.