Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) бара транспарентност и фер одредување на цените низ целиот синџир на снабдување, да се адресира вистинската причина за високите цени и да се утврди одговорноста на секој во процесот.
ССК бара владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците, да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат добавувачите од манипулации со цените, а потрошувачите да знаат кој ги поставува цените.
Оттаму информираат дека на состанок на претставниците на малопродажните синџири и локалните клучни партнери е договорено да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година.
Сојузот на стопански комори тврди дека супермаркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, а дека главната ценовна моќ е во рацете на добавувачите и на производителите, кои уживаат значително повисоки профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи. ССК се повикува на сопствена анализа на состојбата.
– На прашањето кој ги контролира цените одговорот може да се види во профитната маржа. Супермаркетите работат со просечна профитна маржа од само 0,83%, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32%. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13%, додека супермаркетите остануваат под 3%. Анализата покажа екстреми во профитните маржи. Некои производители имаат профитни маржи кои се далеку над оние на супермаркетите – наведуваат од Сојузот на стопански комори.
Од Сојузот на стопански комори велат дека супермаркетите се соочуваат со најголема јавна критика за цените, иако заработуваат значително помалку по производ од добавувачите.
– На листата 15 најголеми добавувачи се покажува дека овие компании генерираат големи профити, но вработуваат многу малку луѓе. Тие сочинуваат 11,8% од вкупниот приход на производителите, но 21,3% од нивниот вкупен профит. Ова покажува дека високо профитабилните компании со мал број вработени имаат значително поголема моќ врз пазарот отколку супермаркетите, наведуваат од ССК.
– Супермаркетите вработуваат значително повеќе луѓе отколку производителите, што ја покажува нивната важност за економијата. Дури и најпрофитабилниот супермаркет не е ни блиску до профитабилноста на водечките производители. Некои супермаркети дури и работат со загуба – велат од ССК.
Оттаму велат дека споредбата на бројот на вработени во супермаркетите е важен фактор за вработеноста во државата, додека производителите генерираат високи профити со значително помалку работници.
Од ССК тврдат дека маркетите никогаш не ги зголемуваат цените самостојно.
– Промена на цените се случува поради промените на цените на производителите или добавувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостиг на производи. Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 добавувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи – велат од ССК.
Оттаму додаваат и дека профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, за разлика од другата страна каде се зголемува.
– Во исто време, меѓународните добавувачи одржуваат значително поголем профит од супермаркетите. Тие вршат силно влијание врз пазарните цени, ограничувајќи ја способноста на домашните трговци на мало да ги приспособат цените надолу. Бројките ја покажуваат вистината, супермаркетите не се причината за зголемените цени. Додека трговците работат со минимални профити, добавувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи без да ги намалат цените – велат од Сојузот на стопанските комори.