Премиерот Димитар Ковачевски денеска имаше телефонски разговор со претседателот на Република Франција Емануел Макрон со кој се согласиле дека нема време за губење и потенцирале дека натамошното одложување на почетокот на преговорите за членство на земјава во ЕУ може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.
Тоа, нагласиле, прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан го прави сериозно безбедносно прашање, соопшти денеска владината прес-служба.
Ковачевски на средбата, го нагласил интензивниот политички дијалог во последните неколку години и ангажманот на претседателот Макрон и Република Франција во однос на процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на Северна Македонијa.
На средбата се разговарало и за билатералните односи, при што било оценето дека традиционалното пријателство меѓу двете земји, се збогатува со интензивирање на економската соработка која во изминатата година доби ново поглавје со влегувањето на Француската агенција за развој во Северна Македонија.Премиерот Ковачевски му ја честитал победата на Макрон на претседателските избори и му посакал успешен втор мандат како шеф на државата. Тој изразил честитки и за изборот на премиерката на Француската Република, Елизабет Борн и истакнал дека од воспоставувањето на дипломатските односи пред 29 години, двете земји негуваат силни билатерални односи.