Случајот за човекот кој бил осуден за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, со затворска казна од 1 година, но не одлежал ниту еден ден зад решетки, предизвика коментари во јавноста.
Како што веќе пишувавме, за 992 грамови марихуана, лицето Д.Ц. завршил во куќен притвор на 31 август 2023 година и дома останал сѐ до правосилноста на пресудата, односно до 27 јуни 2024 година. Тоа е базмалку една година, или попрецизно, нешто помалку од 10 месеци. Бидејќи куќниот притвор се смета исто како да бил во ефективен притвор, тоа значи дека Д.Ц. практично ја избегнал затворската казна.
Ова се судиите кои пресудувале во случајот
Во дел од коментарите на споделената статија на социјалните мрежи, неколку лица се посомневаа во нашата претпоставка дека обвинители и судии, со здружени сили, успеале Д.Ц. да биде осуден без да одлежи ниту еден ден во ефективен притвор, а најверојатно ниту еден ден во затвор. Во дел од тие коментари се тврди дека во случајот Кривичниот законик бил применет доследно, дека при пресудувањето можеби е применет ставот 2 од членот 215 од Кривичниот законик (поблага казна за помало количество дрога), дека можеби лицето Д.Ц. е на помлада возраст и дека можеби ова му е прва кривична пресуда.
Редакцијата на Плусинфо вчера побара одговор од Основниот кривичен суд Скопје на прашањето кој судија ја донел првостепената пресуда по обвинителниот акт за предметот КО бр. 2708/23, во која лицето Д.Ц. е осудено на казна затвор од 1 година, по член 215 став 1 од КЗ, потврдено со одлука на Апелациониот суд Скопје КЖ бр. 663/24 од 27.06.2024.
Од Судот побаравме и одговор на прашањето кој судија ги донел одлуките за куќен притвор на обвинетиот: Решение II КПП бр. 678/23 од 31.08.2023 и Решение КСП бр. 93/24 од 22.02.2024.
Основниот кривичен суд Скопје веднаш одговори на нашето прашање. Одговорот го пренесуваме во целост:
„Почитувани, пресудата со К.бр. 2142/24, донесена врз основа на признание на вина, и истата потврдена со пресуда на Апелациониот суд Скопје, е јавно објавена од страна на судијата Билјана Коцевска. Мерката куќен притвор е определена од моментот на поднесување на предлогот на Јавниот обвинител за определување мерка куќен притвор, од дежурениот судија на претходна постапка, судијата Сандра Крстиќ, а истото решение е потврдено од Кривичниот совет на одделението за Кривично полнолетни, кој согласно годишниот распоред за работа, постапувал во тековната година, со кој претседавал судијата Дијана Груевска Илиевска“.
Значи, од судиите Билјана Коцевска, Сандра Крстиќ и Дијана Груевска Илиевска очекуваме коментар на пресудата, но уште повеќе на изречената мерка куќен притвор. Исто така, ги очекуваме и аргументите на тројцата судии од Апелациониот суд (чии имиња ни се познати), кои ја потврдиле првостепената пресуда.
Еднаш осуден за истото дело – дали е тоа битна околност за оценување дали може да го повтори делото?
Дополнителното истражување што го спроведовме нѐ доведе до неофицијални информации кои можат да бидат битни за случајот. Неофицијално, осудениот Д.Ц. е роден во 1985 година, што ја отфрла теоријата дека можеби бил помлад полнолетник. Исто така неофицијално, тој во 2010 година веќе бил осуден за истото кривично дело. И конечно, според судската пракса, во никој случај 992 грамa марихуана не може да се смета за „помало количество“.
Од тука, призлегуваат две клучни прашања за судиите што ги спомнавме:
Прво, битна околност при одлучувањето дали да се изрече мерка притвор (ефективен или куќен) е прашањето дали обвинетиот може да го повтори делото. Судијките Сандра Крстиќ и Дијана Илиевска Груевска треба да објаснат дали знаеле за околноста дека лицето Д.Ц. веќе еднаш било осудено за истото кривично дело. Ако не знаеле, прашањето е како е тоа можно, бидејќи нивна обврска е да проверат во казнената евиденција. А ако знаеле, зошто таа околност не ги упатила на помислата дека обвинетиот може да го повтори делото?
Дали за специјален повратник важат правилата за ублажување на казната?
И второ, законскиот минимум на казната што е пропишана за делото од член 215 став 1 е 3 години. Ставот 2 од членот 215 вели: „Ако делото од ставот (1) на овој член е сторено со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од помало количество, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до три години“.
Ние не успеавме на веб-сајтот на Основниот кривичлен суд Скопје да ја најдеме пресудата, но имаме сознанија дека пресудата на судијката Билјана Коцевска е според член 215 став 1. А сепак, на лицето Д.Ц. му е определена казна од 1 година затвор. Судијката Билјана Коцевска треба да одговори дали при пресудувањето се водела од ставот 2 на членот 215, или, како што е тоа судската пракса во една третина од случаите, на Д.Ц. му определила пониска казна од пропишаниот минимум (3 години затвор), иако го осудила според ставот 1 од членот 215.
Дури да прифатиме дека судијката Билјана Коцевска имала благородна намера со изрекувањето на поблагата казна, таа треба јавно да одговори дали правилата за ублажување на казната под законскиот минимум важат за лице специјален повратник (сторител на истородно кривично дело), како во случајов. Според наши сознанија, во таков случај, правилата за ублажување на казната не можат да се применат.
За половина грам кокаин ефективен притвор, за килограм марихуана остануваш дома – дали е ова нормално?
Авторот на овој текст останува поборник на примена на мерката притвор само во исклучителни случаи, според законски пропишаните стандарди, а е поборник и на благата казнена политика. Но, најважно е сепак во нашите судови да не се „пакуваат“ вакви предмети и да се воедначи судската пракса.
Само за споредба, денеска од Јавното обвинителство добивме вакво соопштение:
„Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од член 215 став 1 од Кривичниот законик. На 18 јануари осомничениот на друго лице му продал половина грам кокаин за 2.500 денари. На 1 февруари бил извршен претрес во деловен објект каде престојувал осомничениот и полицијата таму пронашла 17 ќесички со кокаин со вкупна количина од 17 грама. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи оцени дека се исполнети законските основи“.