Унијата на медицински сестри и техничари на Македонија и Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ заеднички, остро реагираат што голем број нивни колеги, 120 лица, останаа на улица откако Општата болница Прилеп еднострано ги прекина договорите за работа.
Тие бараат итно решение на проблемот и вработување на колегите.
„Овие наши колеги, за жал, им се придружуваат на оние чии договори беа прекинати по различни основи и во различни периоди во повеќе здравствени установи низ Републиката, во последната година. Фрапантни се фактите кои речиси остават без зборови: станува збор за висококвалитетни и стручно обучени медицински сестри и техничари, кои зад себе имаат и по 6 и 7 години работно искуство во статус договор на дело, а сè до денес беа составен дел од општите болници во Прилеп, Битола, Кавадарци и во Куманово! Овие колеги, наместо признание и решавање на нивниот статус, остануваат изневерени од здравствените власти, законските недоречености, недомаќинското работење, немањето слух за натрупаните проблеми, како и од лицемерните и популистички флоскули и политички додворувања, особено во време на пандемијата со коронавирусот!“, се вели во отвореното писмо до јавноста, потпишано од претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска.
Унијата на петте здруженија на медицински сестри и техничари, се додава, со своите над 5.000 членови, предводена од Здружението „За нас“, континуирано реагира и алармира за потребата од итно решавање на статусот на оваа категорија медицински сестри и техничари, кои со години наназад се ангажирани со „договори на дело“ преку агенциите, други матични институции и преку проекти.
„Реагираме по којзнае кој пат и апелираме да се престане со поразителната поделба на медицинските сестри и техничари според: политичката реторика и опција, поделбите од типот на средни и високи, полова и возрасна поделба, но и тотално неразумната поделба по национална или етничка припадност. Затоа што, во нашата професија единствените фактори што го определуваат квалитетот се професионализмот и емпатијата!“, се вели во писмото.
Ако според сите извештаи, анализи, препораки и параметри, се додава, на Македонија ѝнедостасуваат речиси 50 отсто од бројот на сега ангажираните медицински сестри и техничари, тогаш и денешните и сите досегашни раскинувања на договори во најмала рака изгледаат несериозни, неетички и нехумани. Здруженијата потенцираат дека тие раскинувања треба да бидат поединечно образложени и поткрепени со факти!
„Нашата работа и нашата професија се една од најважните алки во комплетниот здравствен систем на земјата и немарното или намерното запоставување на нејзината вредност, неминовно ќе доведе до катастрофални последици во здравствениот систем, лош имиџ на земјата пред светот, но и најважно од сè – намалување на вредноста на пациентите и значително поскапување на здравствената нега!“, се вели во писмото од здруженијата.
Стресот и одговорноста во нашата професија се постојани, се додава, а дополнителните стресови и долгогодишни нерешени и запоставени проблеми, какви што се: законски нерегулираната професија, условите за работа, неприфатените дипломи, слабата финансиска ревалоризација на трудот и така натаму, дополнително ја зголемуваат огорченоста и одливот на овој високо стручен кадар во западноевропските земји!
„Затоа, апелираме и предупредуваме дека: конечно е време за неодложно, сериозно и системско решавање на императивните проблеми во професијата медицинска сестра и медицински техничар, во интерес на сите граѓани на земјата. Бараме итно вработување на лицата кои имаат повеќегодишен стаж во здравствените установи, затоа што тие веќе ја покажале и ја докажале својата неопходност за болниците и пациентите, Бараме да бидеме вклучени во сите инстанци и на сите нивоа на кои се носат какви било одлуки за медицинските сестри и техничари! Оваа професија се одбира и се работи затоа што се сакаат животот и добробитта на пациентите! Ако нацијата е богатство на државата, тогаш медицинските сестри се богатство на нацијата! Време е решавањата да бидат системски и систематски во интерес на сите“, се вели во оптвореното писмо.
Прилепската болница од вчера не ги ангажира 120-те вработени со договор на дело, на кои им било речено дека нема да им бидат продолжени договорите. Станува збор за медицински сестри, болничари, возачи и друг медицинско-технички персонал, а некои од нив подолго од 7 години работат во болницата.