Одгледувачите на свињи и производителите на свинско месо бараат да се зголеми цената на свинското месо. Во моментов производната цена е 100 денари за килограм жива мера. Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци и одгледувач на свињи, Гоце Сарафимов, вели дека одгледувачите бараат производната цена на свинското месо да изнесува 150 денари.
– Ние како производители на свинско месо бараме да се покачи цената, но сѐ уште нема ништо. По месарите и супер маркетите не знаеме што ќе се случува. Трошоците се многу покачени во однос на лани, еве да речеме храната за свињите е покачена 100 отсто, а исто така и струјата е покачена, а цената на свинското е уште иста. Лани беше 100 денари и сега е 100 денари. Реално производната цена треба да биде најмалку 150 денари – вели Сарафимов.
Производителите добивале субвенции од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од 1.500 денари за продаден товеник, за февруари, март и април, но зголемените трошоци веќе се чувствуваат со намалување на бројот на свињи. Сарафимов истакна дека трендот на намалување е почнат во велешкиот регион, каде што во три фарми е намален бројот на мајки.