Двопартиска група американски сенатори синоќа изразија загриженост за влијанието на Кина во Панамскиот Канал, за кој претседателот Доналд Трамп најави дека САД повторно ќе го преземат.
– Кинеските компании градат мост преку каналот – со бавно темпо што трае речиси една деценија – и ги контролираат контејнерските пристаништа на двата краја. Делумно завршениот мост ѝ дава можност на Кина да го блокира каналот без предупредување, а пристаништата ѝ даваат подготвени набљудувачки места за мерење на времето на таквата акција. Оваа ситуација претставува акутен ризик за националната безбедност на САД – рече претседателот на Комитетот за трговија на Сенатот, Тед Круз на сослушувањето за улогата на каналот во трговијата со САД и во националната безбедност.
Повеќе од 40 отсто од американскиот контејнерски сообраќај, минува низ Панамскиот Канал, што претставува повеќе од две третини од бродовите кои секојдневно минуваат низ вториот најфреквентен меѓуокеански воден пат во светот. Вредноста на американскиот контејнерски сообраќај се проценува на приближно 270 милијарди долари годишно.
Претседателот на Федералната поморска комисија Луис Сола рече дека „ќе продолжи да ги следи практиките за цените на каналот и да ги разгледува опсежните прегледи на поморскиот сектор во Панама“. Тој најави дека може да наметне казни и ограничувања за бродовите со панамско знаме кои влегуваат во американските пристаништа.
Панама го има еден од најголемите регистри на бродови во светот и го дава своето знаме на повеќе од 8.000 бродови.
Сенаторката Марија Кантвел, демократ во Комитетот, рече дека САД и Панама треба да работат „заедно на зајакнување на пристанишната и на каналската инфраструктура, за да се намалат трошоците и да се обезбеди сигурност на каналот“.
– Загрижена сум за пристаништата во Панама во сопственост на Кина и нивната близина до каналот – рече Кантвел.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано се заканува дека ќе ја преземе контролата во оваа клучна поморска трговска рута, која САД ѝ ја отстапија на Панама во 1977 година, нарекувајќи ја „витална“ за американските интереси. Тој не ја исклучува можноста за употреба на воена сила, за да ја постигне својата цел.
Професорот по право на Универзитетот Џорџ Мејсон, Јуџин Конторович, рече дека договорот за неутралност, потпишан кога САД го предадоа Панамскиот Канал, им дава на двете страни „право да прибегнуваат кон вооружена сила“ за да ги спроведат одредбите. Сепак, „вооружените сили никогаш не треба да бидат првото средство за каков било меѓународен спор“, додаде тој.
Претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино, минатата недела рече дека каналот е панамски и дека управувањето со него ќе остане под контрола на Панама.