Пациентите на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје се соочуваат со сериозен проблем – недостиг на биолошка терапија. Според информациите добиени од пациенти, во моментов недостасуваат лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“, што предизвикува загриженост за идниот тек на нивниот третман. Дополнително, постои опасност во блиска иднина да исчезнат и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
– Клиниката не може да одговори на растечкиот број пациенти со метастатски канцери, што доведе до овој недостиг. Дополнително, продолжувањето на животниот век на пациентите значи дека тие подолго време имаат потреба од терапија. Иако минатата година беа одобрени дополнителни средства, тие очигледно не беа доволни – изјави Ана Марјановиќ, пациентка и претставник на здружението „Хема-онко“, во изјава за МИА.
Марјановиќ, која зборуваше и во име на здружението, потенцира дека итно е потребна промена на Позитивната листа за лекови.
– Доколку Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување покажат разбирање за итноста на оваа промена, ваквите кризни ситуации ќе бидат избегнати во иднина. Моментално апелираме за брзо решение за пациентите што сега се оставени без терапија, но и долгорочно решение за овие лекови да бидат трајно достапни – нагласи таа.
Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија ја објаснија состојбата како резултат на административни процедури што се во тек, поврзани со буџетот за 2024 година.
– Овој буџет беше изготвен минатата година врз основа на тогашните проценки, но не ги одразуваше целосно тековните потреби. Дополнително, континуираниот раст на бројот на онколошки пациенти и сложените административни процедури влијаат врз набавката на лекови – изјавија од Клиниката.
Тие додадоа дека работат на подобрување на процесот на набавки во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
– Преземаме мерки за да осигуриме континуирано снабдување со терапија во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со достапните лекови, согласно медицинските протоколи – се наведува во одговорот од Клиниката.