Милиони луѓе се собираат во северниот индиски град Прајаграж во државата Утар Прадеш за да учествуваат на фестивалот „Маха Кумб Мела“, најголемиот собир на луѓе во светот, јавува Би-Би-Си.
Побожните хиндуси од целиот свет ќе се капат во Сангам – сливот на светата индиска река Ганг и Јамуна – во следните 6 недели.
Градот Прајаграж има повеќе од 3.000 кујни и 150.000 тоалети
Според официјалните лица, се очекува најмалку 400 милиони луѓе да се соберат во градот Прајаграж (официјално Алахабад) во следните 45 дена, повеќе од целото население на САД или на Европската Унија.
Властите изградија голем шаторски град, кој се простира на 4.000 хектари долж речните брегови, за да ги прими посетителите, опремен со повеќе од 3.000 кујни и 150.000 тоалети. Распространет на 40 квадратни километри, шаторскиот град има и станови, патишта, струја и вода, кули за комуникација и 11 болници.
Индиските железници воведоа повеќе од 90 специјални возови кои ќе направат речиси 3.300 патувања за транспорт на приврзаниците за време на фестивалот. Околу 50.000 безбедносни лица, исто така, се стационирани во градот за да ги одржуваат законот и редот и да управуваат со толпата. Државата Утар Прадеш одвои повеќе од 765 милиони долари за овогодишниот настан.
Монасите, извалкани со пепел, брзаат кон светите реки
Хиндусите веруваат дека капењето во свети води ги чисти луѓето од гревовите и го завршува процесот на нивната реинкарнација, особено во поволните денови. Најповолните денови се случуваат во 12-годишни циклуси за време на фестивалот наречен Махакумб Мела, или фестивалот на стомните.
Фестивалот е серија на ритуално капење од хинду садуси, или свети луѓе, и други аџии на сливот на три свети реки што датира барем од средниот век. Хиндусите веруваат дека митската река Сарасвати некогаш течела од Хималаите преку Прајаграж каде што се споила со Ганг и со Јамуна.
Капењето се прави секој ден, но на најзгодните датуми, голи монаси, извалкани со пепел, масовно брзаат кон светите реки во мугрите. Многу аџии остануваат во текот на целиот празник, даваат милостина и се капат секој ден на изгрејсонце.
Фестивалот има свои корени во хинду традицијата којашто вели дека богот Вишну украл златен бокал со нектар на бесмртноста од демонот. Хиндусите веруваат дека неколку капки паднале во градовите Прајаграј, Нашик, Уџаин и Харидвар – четирите места каде што фестивалот Кумб се одржувал со векови.
Кумб ротира помеѓу овие четири места за аџилак приближно на секои 3 години, на датум пропишан од астрологијата. Овогодинешниот фестивал е најголем и најмасовен од сите.
Фестивалот е искористен во политичката пропаганда за хинду национализам
Поранешните индиски лидери го искористија фестивалот за да ги зајакнат своите односи со хиндусите во земјата, кои сочинуваат речиси 80% од повеќе од 1,4 милијарди луѓе во Индија. Но, за време на премиерот Нарендра Моди, фестивалот стана составен дел од неговиот притисок за хинду национализам.
Владата на Моди го смени името на градот од Алахабад во Прајаграј, како дел од нејзините напори да го смени името за да звучи „похинду“ пред фестивалот во 2019 година и пред националните избори на кои победи неговата партија. Во 2021 година, неговата влада одби да го откаже фестивалот „Харидвар“ и покрај порастот на случаи на коронавирус, плашејќи се од реакција на верските водачи во земјата со мнозинско хинду население.
Фото; EPA-EFE/RAJAT GUPTA