„Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот. Во ЕУ нема место за идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната“.
Вака изјави бугарскиот претседател, Румен Радев по средбите со германскиот државен врв во Берлин. Како што пренесе „Дојче Вече“, Радев од Берлин уште еднаш сигнализираше дека нема намера да отстапи од ветото за Северна Македонија во ЕУ.
По средбите со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц во Берлин, тој на брифинг со бугарските новинари соопшти дека позицијата на Софија наишла на разбирање од неговите германски соговорници.
– Исклучително сум задоволен од разбирањето на кое наиде аргументираната бугарска позиција во врска со Северна Македонија. Во ситуација кога работиме за заедничката европска позиција и за европските институции не треба да дозволиме нашата национална позиција за Северна Македонија да стане заложник на конфликтот во Украина и оваа тенденција да се засилува – изјави Радев додавајќи дека Бугарија како одговорен член на ЕУ треба да работи на тоа да интегрира партнери, а не проблеми.
Од германска страна немаше изјави по средбите со Радев, ни од претседателот Штајнмајер, ниту од канцеларот Шолц.