Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во разговорот со Ковачевски ја поздрави поддршката на Северна Македонија за итен прием на Шведска и Финска во НАТО и го потенцираше успехот на воената вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22), што ја потврди нашата земја како вреден партнер на Алијансата.
За време на разговорот премиерот Ковачевски го нагласи единството и одлучниот одговор на Алијансата на неиспровоцираната војна во Украина и едногласноста во поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет на Република Украина и на нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на нејзините меѓународно признаени граници.
Република Северна Македонија, истакна Ковачевски во разговорот со генералниот секретар Столтенберг, го дава максимално својот придонес во одговорот и политиките на НАТО во однос на ова прашање и останува и понатаму посветена да ја помага Украина во делот на координираните активности со Алијансата, како и во прифаќање на бегалците од оваа земја.
Како израз на силна поддршка на политиката на отворени врати, премиерот Ковачевски во разговорот со Столтенберг ја поздрави иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО и потенцираше дека Северна Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во Алијансата на овие две земји.