Нема ефикасни контроли, граѓаните скапо го плаќаат доцнењето

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Дивите таксисти повторно задоа замав во Скопје поради тоа што нема редовни инспекциски контроли на овој превоз. Во периодот кога беше драстично скратен превозот со градските автобуси, граѓаните често се решавале за превоз со такси, а некои од нив доживеале мошне непријатни искуства кои скапо ги чинеле.

Скопјанецот Мартин. Ј. одлучил да се качи во такси од трговскиот центар „Ист гејт“ бидејќи брзал за да стаса на работа. Иако бил свесен дека таксистите што стојат на оваа локација се нелегални, на крајот бил непријатно изненаден од сумата што ја платил.

– Знам дека таксистите што чекаат таму се диви, ама порано барем имаа таксиметар. Сега, забележувам дека користат мобилни телефони со апликација која симулира таксиметар. Телефонот таксиметар покажа астрономска сума за релација од неколку километри, некои 400 денари. Го прашав таксистот зошто е толкава сумата, а тој се насмеа и ми рече: „Тоа е, другар“. Сфаќам дека не може секој да работи во такси компанија, но барем да го наштелуваат телефонот да одбројува како таксиметрите. Не мора да ги ограбуваат луѓето и да им земат цела дневница за едно возење – вели нашиот соговорник.

Тој истакнува дека вакви инциденти се чести и дека дивите таксисти стојат на различни локации во градот, вклучувајќи ги и популарните места како што се спроти „Холидеј ин“ и „Ла делишс“ во Буњаковец.

– Некој како мене ќе се расправа, ама има луѓе на кои им е срам да се расправаат. Понекогаш нема достапни такси возила од такси компании и луѓето немаат избор, па мора да се качат кај некој таков. На крајот на краиштата, можеби и воопшто не треба да се качуваме кај нив и треба да ги саботираме, и така повеќето не работат легално и немаат свои фирми – вели скопјанецот Мартин.

Проблемот со дивите таксисти не се одразува само врз џебот на патниците, туку и врз приходите на легалните такси компаниии и приливите од даноци во државната каса.

Претседателот на Групацијата на авто-такси превозници, Сашо Рајчановски за Плусинфо истакнува дека бројот на нелегални такси возила во Скопје е во пораст, што ја прави ситуацијата алармантна.

– Секој ден сè повеќе патници се одлучуваат за овие возила, а ние како легални превозници не можеме да им излеземе во пресрет. Таксистите не ги следат прописите и овој проблем станува сè поочигледен – вели Рајчановски.

Според него, основната причина за зголемената активност на дивите таксисти е големата побарувачка за транспортни услуги, особено поради проблемите со градскиот автобуски превоз, но и недостигот на контрола и санкции од градските власти.

- Advertisement -
Ad image

– Граѓаните не само што се соочуваат со нелегални превозници, туку исто така мора да платат многу повеќе отколку што би платиле за легално такси возење. Иако стандардната цена е од 150 до 200 денари, многумина од нив плаќаат по 400 или дури 500 денари – додава Рајчановски.

Тој апелира до градските власти да преземат мерки за да ја решат ситуацијата. Според него, доволно е да се насочат инспекторите да ги контролираат нелегалните таксисти и да се санкционираат оние кои не ги исполнуваат прописите.

– Не ни требаат нови средства. Бараме само сообраќајните инспектори да ја засилат контрола и да го спроведат законот. Проблемот ќе продолжи да расте ако не се преземат мерки. Ако не се реши ова во блиска иднина, тогаш организираната такси служба може да исчезне. Градот не го спроведува доволно строго законот, а инспекциските контроли не се доволно ефективни. Овој проблем не се решава само со казни за возачите, туку и со зголемена свест кај самите граѓани за тоа како да препознаат нелегални превозници. Ние бараме од градските власти да го регулираат овој сектор и да се грижат за граѓаните – вели тој.

- Advertisement -
Ad image

Од Групацијата на авто-такси превозници истакнуваат дека и граѓаните треба да бидат повнимателни при изборот на такси превозник.

– Граѓаните не треба да плаќаат за услуги ако не добијат фискална сметка. Секој легален таксист е должен да издаде фискална сметка. Ако не ја добиете, тоа е јасен знак дека станува збор за нелегално возило. Ако продолжи оваа пракса, иако цената може да изгледа пониска или понудата пофлексибилна, последиците може да бидат сериозни. Мораме да работиме на зголемување на јавната свест и на мотивирање на граѓаните да пријавуваат неправилности – велат од Групацијата.

За подемот на дивите таксисти во Скопје, такси-превозниците ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска, зашто не спроведува инспекциски надзор.

– Градот Скопје е најголем виновник за колапсот на такси превозот. Никој не контролира, и нормално е дека сè повеќе колеги ги напуштаат компаниите каде имаат давачки и си возат на диво. Дури 80 отсто од таксистите се диви. За една година нема да остане ниту една такси-компанија, ќе нема граѓаните каде да бараат такси, ќе има само диви таксисти. Не е нормално за три години мандат градоначалничката Данела Арсовска да нема ниту една средба со нас. Со претходните градоначалници сме имале средби во Градот еднаш месечно – коментира Рајчановски.

Според актуелната тарифа, стартот во такси возилата е 40 денари, а за секој изминат километар се наплаќаат 25 денари кога цената на горивото е до 75 денари за литар. Втората тарифа предвидува старт од 50 денари и 30 денари за километар кога цената на горивото е помеѓу 75,50 денари и 119,50 денари, додека третата тарифа е 60 денари за старт и 35 денари за километар кога цената на горивото е над 120 денари за литар.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека не се надлежни да вршат надзор врз дивите таксисти.

– Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје не е надлежна за контрола на такси возила кои вршат нелегален превоз. Ваквите контроли се спроведуваат во соработка со Град Скопје, конкретно со Секторот инспекторат, кој е надлежен за вакви случаи – велат од МВР.

Оттаму додаваат дека за поконкретни информации и податоци во врска со бројот на откриени случаи на диви таксисти, граѓаните треба да се обратат директно до надлежните инспекциски служби во Град Скопје.

Share This Article