Во моментов се води хибридна војна против Србија и против претседателот Александар Вучиќ, тврди српскиот вицепремиер, Александар Вулин, во изјава за белградски медиуми.
Тој за телевизија „Пинк“ изјави дека нападите врз Србија од Сараево и од Загреб се координирани, притисокот расте и дека, според него, сѐ е координирано од еден центар.
– Јавните личности од целиот регион ги поддржуваат оние кои се против Вучиќ. Можно ли е да нема ниеден фудбалер, кошаркар, актер што на пример го поддржува Вучиќ? Не, одеднаш во истиот момент сите Северини и сите спортисти се против Вучиќ. Тоа не е случајно. Тоа се прави од еден центар – рече Вулин.
Според него, студентите се подложни на манипулации и повеќето од нив имаат искрена желба за промени, но предводниците на блокадите се платеници.