Д-р Никола Пановски, познатиот микробиолог и професор, преку својата објава на Фејсбук сподели драматична случка во која речиси ќе го загубел животот поради невнимание на возач. Несреќата се случила завчера, на 24 декември, околу 11 часот наутро, на раскрсницата на улицата Никола Тесла и булевар Илинденска, во близина на гимназијата „Орце Николов“.
Според неговото сведоштво, додека возел велосипед и се обидувал да мине помеѓу автомобили кои чекале на семафорот, д-р Пановски изгубил контрола и паднал пред голем џип.
„Се испружив на асфалтот со рацете напред, а велосипедот остана зад мене. Таман почна да ми тече крв од носот и се подготвував да станам, кога возачот на џипот тргна и ме покри“, опишува тој, додавајќи дека само среќата го спасила од трагичен крај.
Д-р Пановски детално ја опиша драматичната ситуација. Возачот на џипот прво го прегазил задното тркало на велосипедот и рамот, што предизвикало доволен отпор за да го запре возилото.
„Да не почувствуваше отпор и да не закочеше, јас ќе бев смачкан. Шокот беше огромен и за мене, и за него, и за сведоците кои врескаа од пешачкиот премин“, вели тој.
Пановски заврши со повреди, вклучувајќи голем оток на десната потколеница, крварење од носот и болки во колкот и рамото. Сепак, тој успеал да се прибере и покрај случката, продолжил со своите обврски, учествувајќи на седница на Советот на Град Скопје.
Во својата објава, д-р Пановски упати емотивен апел до возачите:
„Кога чекате на семафор, особено ако сте сами во автомобил, немојте да гледате во мобилниот телефон! Гледајте пред вас! Вашето невнимание може да чини нечиј живот – дете, човек, велосипедист, секој може да се најде под вашето возило за секунда.“
Несреќата за него е големо предупредување, кое го сподели за да ја подигне свеста кај возачите за важноста на вниманието и одговорното однесување во сообраќајот.