Католички Божик – Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски повика на помирување

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.

Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов на проповедта на литургијата упати честитка до граѓаните со католичка вероисповед.

– Овие денови голема е радоста во срцата на христијаните токму поради празникот Рождество на нашиот Господ Исус Христос – Божиќ, со кој Бог стана човек и влезе во човечката историја за да го помири човекот со Бога. Затоа Божиќ е надеж за човештвото. Сигурен сум дека сите сакаме да се помириме со Бога и да црпиме благодати од заедништвото со Него. Но не е доволно да се помириме само со Бога, туку и со ближниот. Впрочем тоа е повикот на празникот Рождество Христово – Божиќ, тоа е повикот на Јубилејната година, која ја започнуваме, не случајно на Бадник, со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар во Ватикан. А смислата на Јубилејната година е да продолжи во текот на целата година помирувањето на човекот со Бога и ближниот. И уште еднаш само потврдуваме, како Бог преку Црквата излева благодат врз благодат на човештвото, кое е тешко рането и крвави од војни, сиромаштво, глад, нерамномерна распределба на богатствата и ресурсите. И токму тоа му е потребно, односно помирување. Радоста и простувањето се неразделни – само кога ќе простиме, ќе ја почувствуваме вистинската слобода, радост и надеж, кои Христос со своето раѓање ги донесе во светот. Посакувам овој Божиќ и Јубилејната година да ни донесат изобилен Божји благослов и надеж во иднината, имајќи ја сигурноста дека за нас Бог стана човек и е со нас – Емануел. Христовото раѓање нека ни донесе мир и благослов во нашите домови и во нашите семејства! – рече бискупот скопски и епарх струмичко – скопски Киро Стојанов на полноќната божиќна литургија во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.

Share This Article