Напаѓачот од Магдебург кој влета во толпа на божикниот пазар се наоѓа во ќелија и е под постојан надзор. Германски „Билд“ пишува дека носи облека од хартија за да се спречи обид за самоубиство.
Талиб ал Абдулмохсен, кој во петокот уби пет лица и повреди повеќе од 200, во моментов е веројатно најчуваниот затвореник во Германија. Тој лежи во истражен зaтвор 20 километри од Магедбург. Установата се простира на 49,5 илјади квадратни метри со надворешни ѕидови долги 1, 5 километри.
Талиб е целосно изолиран од другите затвореници поради стравот дека може да стане цел на нивниот напад поради злосторството кое го направил. Освен со чувари со кои оди на редовна дневна прошетка, тој е во контакт само со адвокатите.
Талиб е психијатар по професија и меѓу колегите го добил прекарот „Доктор Гугл“ затоа што често барал стручни информации на интернет пред да постави дијагнозаи наводно избегнувал да се консултира со колегите секогаш кога тоа било можно.
Според „Mitteldeutsche Zeitung“ некои пациенти не му верувале и одбивале тој да ги лекува. Од друга страна неговите колеги од клиниката изразија сомневање дека Талиб ал Абдулмохсен бил навистина квалификуван лекар.
Тој пристигнал во Германија во 2006 година, а од 2020 година работел како психијатар и психотерапевт во клиника во Бернбург, Саксонија-Анхалт, а исто така и живеел во овој град.
За време на спорот околу признавањето на испитот, тој претходно им се заканувал на претставниците на лекарската комора дека ќе направи дело кое ќе предизвика меѓународно внимание. Тогаш поради тоа бил казнет со парична казна.
На клиниката тој бил задолжен за лекување на затвореници зависни од дрога, но сега постои сомневање дека тој и самиот бил зависник, бидејќи еден наркотест по нападот бил позитивен.