Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им порача на христијаните низ светот дека Израел ќе продолжи да се бори против „силите на злото“, додека војната во Појасот Газа ја засенува прославата на Божиќ за христијаните во Израел и на палестинските територии.
– Израел го предводи светот во борбата против злото, но нашата борба не е завршена. Со ваша поддршка и со Божја помош, уверувам дека ќе победиме – изјави Нетанјаху во видео порака.
Израелскиот премиер изјави дека христијаните стојат заедно со Израел додека земјата ја брани „нашата цивилизација од варваризмот“.
– Се стремиме кон мир со сите кои го бараат истиот со нас, но ќе направиме сè што е потребно за да ја одбраниме нашата еврејска држава и нашето заедничко наследство – додаде тој.
Израел има околу 185.000 христијани, кои сочинуваат 1,9 отсто од населението, додека на палестинските територии, вклучувајќи го Појасот Газа, живеат околу 47.000 христијани.