Двајца затвореници во саботата навечер побегнаа од затворот во Пикасен, 15 километри од Валенсија, искористувајќи ја збрката што ја предизвика телевизиското покривање на фудбалскиот натпревар меѓу Барселона и Атлетико Мадрид.
Затворениците избегаа откако ноќното пребројување, кое се одржува околу 21 часот, се совпадна со почетокот на дербито од шпанската лига меѓу Барселона и Атлетико.
Затворениците ја искористија вревата и метежот предизвикан од натпреварот, објави во понеделникот шпанската јавна телевизија ТВЕ, повикувајќи се на неименувани извори од затворот.
Двајца затвореници ги скршиле решетките од ќелијата, се спуштиле со помош на врзани чаршафи и избегале од затворскиот простор.
Затворскиот синдикат (ACAIP) изјави за новинската агенција EFE дека бегството на двајцата е резултат на пропуст во безбедносниот систем во затворот во Валенсија, еден од најстарите во Шпанија.
Синдикатот повика на ангажирање на дополнителни обезбедувачи.
Затворската служба отворила истрага, а полицијата трага по бегалците чиј идентитет не е соопштен ниту зошто издржувале затворска казна.
Фудбалот е најпопуларниот спорт во Шпанија. Во саботата, Атлетико го презеде првото место на првенствената табела од Барселона со победа од 2-1.