Новоизбраниот американски претседател ѝ се закани на Панама дека ќе го врати под контрола клучниот канал кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан доколку земјата не ги намали царините за американските бродови.
– Таксите што ги наплаќа Панама се смешни и крајно неправедни. Ова искористување на нашата земја мора веднаш да престане – кажа Трамп пред своите поддржувачи во Аризона.
Претседателот на Панама Хосе Раул Мулино му возврати дека секој квадратен метар од каналот и околната област ѝ припаѓаат на неговата земја, пренесе Јаху.
– Нема преговарање за суверенитетот и независноста на Панама – кажа Мулино.
Само ден порано, Трамп кажа дека Панамскиот канал е битно национално богатство за САД.
– Ако бродските такси не бидат намалени, ќе бараме Панамскиот канал да ни се врати, целосно, брзо и без прашања – кажа вчера Трамп.
Обраќајќи им се на приврзаниците на Америка Фест на „Пресвртница“ во Аризона, Трамп вети дека неговиот „кабинет од соништата“ ќе донесе растечка економија, ќе ги запечати границите на САД и брзо ќе ги реши војните на Блискиот Исток и Украина. Тој најави „златно доба“ за Америка.
Панамскиот канал е 82 километри и е изграден во почетокот на 1900-тите. Често го споредуваат со Суецкиот канал кој ги дели Африка и Азија поврзувајќи ги Средоземното и Црвеното Море.
Каналот до 1977 беше под контрола на САД, по што постепено ѝ се враќаше на Панама. Од 1999 оваа централноамериканска земја има целосна контрола врз него.
Низ каналот годишно минуваат до 14.000 бродови.