Американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен оваа година ја забележа својата најниска гледаност во историјата, а од декември лани привлече само 93.000 гледачи на клучната демографска старосна група на возраст од 25 до 54 години, покажуваат податоците на агенцијата Нилсен медиа рисрч.
„Од 26 декември 2023 година до 15 декември 2024 година, Си-Ен-Ен имаше само 93.000 гледачи во клучната демографска возраст од 25 до 54 години. Кај сите групи, мрежата оствари 488.000 гледачи, заостанувајќи зад ривалската мрежа Фокс Њуз, која има со 1,46 милион гледачи“, наведоа од агенцијата.
Известувањето на Си-Ен-Ен ноќта на претседателските избори во САД на 5 ноември привлекло само 5,1 милиони гледачи, што е пад од 44 отсто во споредба со изборите во 2020 година. Телевизијата не ја објави навреме информацијата за победата на Доналд Трамп.
За споредба, Фокс њуз имаше 13,6 милиони гледачи во покривањето на изборната ноќ.
Во меѓувреме, другата информативна мрежа Ем-Ес-Ен-Би-Си заостанува зад Си-Ен-Ен по број на гледачи на возраст меѓу 25 и 54 години и има 86.000 гледачи од оваа група. Сепак, мрежата успеа да добие 806.000 гледачи меѓу сите демографски групи.
Новиот канал Њус Нејшн, кој работи само три години, во 2024 година се здоби со дополнителни 25% од гледаноста во т.н. „прајм-тајм“ на кабелските канали. Дополнително, доби и 45% гледаност кај популацијата од 25 до 54 години.
Фокс Њуз ја заврши годината на првото место на гледаност меѓу кабелските канали во четвртиот квартал од годината. На врвот е веќе деветта година по ред.