Министерот и заменик министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани и Ѓоко Велковски денеска го презентираа Буџетот на миниситерството за 2025 година. Во продолжение обраќањето на министрите:
Почитувани.
Основниот Буџет на Министерството за социјална политика, демографија и млади за 2025 година изнесува 68.15 милијарди денари и е за 3.9 милијарди денари поголем од буџетот за 2024 година, односно за 6%.
Најголем дел од средствата се наменети за непречена исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување и зголемување на пензиите како и социјална и детска заштита.
Како Влада и ресорно министерство се обврзавме да се грижиме за најранливите категории на граѓани- пензионерите, граѓаните во социјален ризик, лицата со попреченост и децата.
Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување обезбедивме линеарно покачување на пензиите за 5000 денари. Со септемвриската пензија околу 342.000 пензионери добија за 2500 денари повисоки пензии.
Ако зборуваме низ бројки со Буџетот за 2025 година предвидени се 47.8 милијарди денари за исплата на пензии. И претставува зголемување за 8 милијарди денари во споредба со 2024 година.
Ова значи сериозен пристап и одговорност.
Планираме и обезбедуваме непречена исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување, без ризик за исполнување
Затоа што, нашите највозрасни граѓани пензионери го заслужуваат тоа.
Тие ја градеа нашата држава, и наша обврска е вистински да се грижиме за нив. Но, тука нема да застанеме. Во текот на следната година, ќе направиме анализи и ќе го изнајдеме најодржливото решение за понатамошна грижа за нашите пензионери.
Се грижиме и за граѓаните кои се во социјален ризик. Со буџетот за 2025 година, обезбедивме 14.5 милијарди денари за исплата на правата од социјална и детска заштита, борци и воени инвалиди, бегалци и азиланти.
Со Буџетот за 2025 година за правата за социјална и детска заштита обезбедивме близу 100 милиони денари повеќе во однос на буџетот за 2024 година за зголемување на износот на одделни права со порастот на трошоците за живот.
Покрај обезбедувањето на средства за непречена исплата на правата од пензиско и инвалидско осигурување, социјална и детска заштита, вложуваме и во инфраструктура – за изградба и опремување на објекти од детска и социјална заштита.
Со буџетот за 2025 година обезбедивме 275,3 милиони денари за капитални инвестиции – довршување или започнување на инвестиции за изградба и опремување на нови капацитети за детски градинки, домови за стари лица и други објекти за социјална заштита, како и за трансфер на средства до општините за капитални инвестиции.
Со Капиталните инвестиции во детска заштита опфатени се објектите:
И тоа во општините Чаир, Могила, Дебар, Гевгелија, Карбинци, Прилеп, Кочани, Василево, Свети Николе- Ерџелија, Гази Баба, Валандово, Карпош, Бутел, Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела вода, Теарце.
До крајот на 2025, планираме финансирање на околу 25 детски градинки во ниво на држава.
Капитални инвестиции во социјална заштита – 9 објекти:
Инвестираме и во објекти за социјална заштита, во тек се изградба, адаптација или опремување на 9 објекти (Дневни центри за лица со попреченост, Дневни центри за деца со ментална или телесна попреченост, Домови за стари лица, установи за вонсемејна заштита на стари лица и тоа во општините Кавадарци, Македонски Брод, Богданци, Пробиштип, Крива Паланка, Кратово, Илинден, Боговиње
Министерството е отворено за нови апликации од општините за изградба/реконструкција/адаптација и опремување на објекти за социјална и детска заштита.
Јавните повици се отворени и ова е можност уште еднаш да ги повикаме општините да аплицираат со проекти.
Дополнително, се охрабруваат оштините да аплицираат на следниот јавен повик за финансирање инфраструктурни проекти од потпрограматa АА-Инфраструктурни проекти во општините за 2025 година.
Со буџетот за 2025 година обезбедивме дополнителни 300 милиони денари (4.876.200 евра) за блок дотации од Министерството кон општините за непречено функционирање на постојните капацитети на детските градинки и објекти од социјална заштита – домови за стари лица, како и за нови капацитети за згрижување и воспитување на деца во детските градинки. За оваа намена предвидени се 3.6 милијарди денари (58.518.000 евра).
Дополнително, во буџетот на Министерството за 2025 година, за проектите финансирани со заеми од Светска Банка, предвидени се 6.5 милиони евра (399.750.000 денари) за финансирање на активностите предвидени со Проектот за подобрување на социјалните услуги, Втор проект за подобрување на социјалните услуги и Проект за администрирање на социјалното осигурување.
Со овие средства предвидено е финансирање на трет јавен повик за доделување на грантови за развој на социјалните услуги во, (помош и нега во домот, дневни центри, лични асистенти) општините и град Скопје, понатаму, адаптација на општински простории и нивна пренамена во објекти за ран детски развој за деца од 3-6 год.
На отворениот јавен повик за адаптација на општински простории и нивна пренамена во објекти за ран детски развој за деца од 3-6 год, 13 општини кои аплицирале се избрани да бидат финансирани и комплетирањето на документацијата е во завршна фаза.
Понатаму, со овие средства планирано е воспоставување и опремување на единствен унифициран систем за социјално осигурување СУРС, кој претставува вмрежување на институции како Управа за јавни приходи (УЈП), Агенција за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ), Фонд за здраствено осигурување (ФЗОМ), Фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Министерство за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ), со цел да се добијат унифицирани податоци за секој осигуреник.
Воспоставување на централна единица за проценка на попреченост, значи на едно место да се добива проценката за попреченост и потенцијалите на лицето за негово успешно вклучување во општеството.
Исто така во завршна фаза е и развојот на SWIS системот – кој претставува единствен софтвер на социјалните права и услуги во Центрите за социјална работа кои ќе бидат опремени со потребна ИТ опрема за нормално функционирање на истиот.
Почитувани медиуми, почитувани граѓани,
Како ресорно министерство ја опфаќаме грижата за најранливите категории и наша одговорност е да креираме политики и можности за достоинствен живот на сите граѓани, со акцент на оние на кои поддршката им е неопходна. Така и ќе продолжиме.