„Потребна е мобилизација на европските ресурси за да постои, да речеме, еден европски одбранбен фонд кој ќе може да финансира одбранбени активности што ќе се однесуваат на ЕУ во целина и дека ова не е конкурентна активност кон НАТО, туку апсолутно комплементарна и дека на овој начин би можеле да испратиме порака и до САД, кои, заедно со претседателот Трамп, сигурен сум дека ќе ја притиснат ЕУ за повеќе одбранбени трошоци“.
Ова го посочи грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, за време на синоќешната прес-конференција во Брисел по завршувањето на Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, Мицотакис изрази задоволство што по негова иницијатива ќе се одржи вонреден Самит на ЕУ на 3 февруари „со една и единствена тема – европската одбрана“.
За ситуацијата во Сирија, грчкиот премиер повтори дека „Грција ќе има улога во регионот“, но и изрази надеж дека Сирија „нема да го следи патот на другите земји кои поминаа низ слични фази на отстранување на деспотските лидери; дека нема да се направат истите грешки што можеби беа направени во Ирак и во Либија и дека земјата нема да падне повторно во режим на нестабилност и на анархија“.
– Во однос на прашањето за враќање (на бегалците), сметам дека првин што треба да истражиме е дали постои волја за доброволно враќање. А во исто време, да ги поддржиме структурите, особено оние на ОН, што ќе обезбедат луѓето, кои ќе се вратат, да ги имаат барем основните потреби. Секако, како што знаете, Грција, како и многу други европски земји, практично ги суспендираше процедурите за доделување одлуки за азил на Сиријците кои се во нашата земја од многу едноставна причина – бидејќи, по правило, овие одлуки имаа основно образложение: основно оправдување за причината зошто барателот на азил побарал заштита е дека е во опасност од режимот на Асад кој повеќе не постои. Затоа треба да почекаме малку и да видиме како ќе се развива ситуацијата – објасни Мицотакис.
На новинарско прашање за Украина, грчкиот премиер рече дека позицијата на ЕУ останува цврста и продолжува и воената и економската поддршка, „бидејќи сакаме на Украина да ѝ дадеме можност да преговара за евентуален мир со Русија по свои услови и во време што самата ќе го избере, но не во услови на слабост“.