Српската министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ денеска изјави дека Владата го усвоила предлогот на Министерството за образование зимскиот распуст за основците и за средношколците низ целата држава да започне седум дена порано – на 24 декември, а ќе трае до 20 јануари.
– На територијата на Војводина тогаш секако би почнал распустот. Законската можност е календарот на воспитно-образовните активности во основните и средните училишта да се менува за пет отсто во работните денови во смисла на зголемување или намалување на тој број – изјави таа, пренесоа српски медиуми.
Министерството за образование на Србија вчера соопшти дека испратило предлог до Владата на Србија зимскиот распуст подеднакво да започне за основните и средните училишта низ територијата на Република Србија, во вторник на 24 декември 2024 година. Од Министерството соопштија дека одлуката е донесена по разгледување на околностите кои влијаат на квалитетот и зачувувањето на наставниот процес, како и интересот и правото на учениците на образование.
„Поради намерата на Министерството за образование и Владата на Република Србија насилно да го прекинат полугодието, водејќи се само од најмала штета што може да ја нанесе ваквата избрзана одлука – бараме предлогот да се повлече“, соопштија вчера четири репрезентативни синдикати за образование.
Ако српската Влада и Министерството за образование не реагираат, ќе реагираат вработените во образованието – велат од синдикатите.
Наставната програма, како што се наведува, опфаќа и реализација на наставните содржини преку утврдување и систематизација.
„Значи, со оваа одлука, нашите ученици се донесени пред свршен чин. Тие се спречени да бидат истрајни во процесот на учење“, се вели во соопштението.