Кој заработил најмногу – Северина, Розга, Бојана, Каролина…

Lorita
By Lorita 14 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Еден милион евра пари на граѓаните општините трошат годишно на изведувачи и на забавни манифестации, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации објавено денеска. Од јануари до октомври годинава, општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961.000 евра. До крајот на 2024 година, се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра.

Лани, за оваа намена се потрошени 1 милион и 11.000 евра. Најскапо платена, годинава, е Северина, за која Крива Паланка платила 25.000 евра. Годинава најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42.000 евра, за два настапа во Берово и во Штип.

Лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил скоро 26.000 евра. Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес.

Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки.

Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставиле податоци.

Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на некои празници (Нова Година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.

Најмногу пари за оваа намена трошат општините Кавадарци и Струмица, како и Градот Скопје. Само првите десет општини што трошат најмногу пари за оваа намена, трошат околу 80 % од парите што ги потрошиле сите општини заедно.

Општини што потрошиле најмногу пари за забавни манифестации

2023 година Вкупен износ
(во евра)
Струмица 189.268
Кавадарци 156.098
Град Скопје 111.382
Штип 85.977
Велес 48.567
Кисела Вода 47.967
Куманово 45.528
Берово 30.720
Битола 30.479
Карпош 23.138
Гостивар 20.000
2024 година
(до октомври)
Вкупен износ (во евра)
Кавадарци 202.098
Струмица 124.146
Кисела Вода 64.228
Крива Паланка 55.214
Валандово 45.054
Гевгелија 43.902
Битола 41.106
Берово 39.237
Неготино 34.430
Велес 33.530
Пробиштип 28.093

Во 2023 година, најмногу пари потрошила Струмица, речиси 190.000 евра. Следно е Кавадарци со 156.000, а главниот град потрошил нешто повеќе од 110.000 евра. Штип е четврти со скоро 86.000 евра. Велес и Кисела Вода потрошиле по околу 48.000 евра, а Куманово 45.000. По 30.000 евра потрошиле Берово и Битола.

- Advertisement -
Ad image

Состојбата е слична и во 2024 година, за која недостигаат сите податоци и ќе бидат достапни дури откако годината ќе заврши. Иако податоците се до октомври 2024 година, сепак извесно е дека најмногу пари ќе потроши Кавадарци – повеќе од 200.000 евра. Струмица годинава е на второто место, со потрошени 124.000 евра. Кисела Вода „засилила“ на трошењето со скоро 65.000 евра, а буџетското ќесе го „одврзала“ и Крива Паланка, која потрошила 55.000 евра. Малите општини, Валандово и Гевгелија се следни со по околу 44.000 евра секоја. Околу 40.000 евра трошат Битола и Берово, па следат Неготино и Велес со по околу 34.000 евра.

Некои општини кријат колку плаќаат на индивидуалните изведувачи

Кога станува збор за поединечните манифестации или изведувачи, не сите општини кажуваат колку пари, поединечно, ги чини некоја манифестација, или изведувач. Некои општини ги кажуваат трошоците за сите манифестации заедно, или пак, за сите изведувачи заедно затоа што „најмуваат“ фирма на којашто ѝ ги префрлаат сита пари, а таа потоа ги организира манифестациите и ги плаќа изведувачите.

- Advertisement -
Ad image

Таков е примерот со Општина Кавадарци која троши најголема вкупна сума за забавни манифестации, но не објавува колку пари поединечно ја чини секоја од четирите манифестации, колку што ги организира годишно или, пак, колку пари исплатила на некој поединечен изведувач.

Од оние општини кои ги обелоденуваат поединечните трошоци, произлегува дека најскапа поединечна манифестација е струмичкиот фестивал „Get EXITed“ кој чини повеќе од 138.000 евра. Потоа е штипската Пастрмајлијада со речиси 60.000 евра. Кисела Вода платила за двете манифестации заедно – „Културно лето“ и одбележувањето на роденденот на општината – околу 48.000 евра. Следен е повторно еден струмички фестивал „Струмица опен“, а потоа велешкиот фестивал посветен на нивната пита.

Најскапи манифестации во 2023 година

Манифестација Општина Износ во евра
Св. Трифун, Културно лето, Тиквешки гроздобер, Нова година Кавадарци 156.098
Get EXITed Струмица 138.211
Пастрмајлијада Штип 59.284
Културно лето и роденден на општината Кисела Вода 47.967
Бела ноќ Град Скопје 44.715
Струмица опен фестивал Струмица 43.902
Фестивал на пита и вино Велес 43.417
Етно плоштад фестивал Берово 27.431
Карпошово културно лето Карпош 23.138

Во 2024 година (до октомври), повторно најскапи се кавадаречките манифестации, повеќе од 200.000 евра. Следна најскапа поединечна манифестацијата е струмичкиот фестивал „Get EXITed“ кој чини повеќе од 65.000 евра. Кисела Вода плаќа за двете манифестации заедно – „Културно лето“ и одбележувањето на роденденот на општината – повеќе од 64.000 евра. Следен е повторно струмички фестивал „Струмица опен“, а потоа ревијалната вечер на валандовскиот „Фолк фест“.

Најскапи манифестации во 2024 година (до октомври)

Манифестација Општина Износ во евра
Св. Трифун, Културно лето, Тиквешки гроздобер, Нова година Кавадарци 202.098
Get EXITed Струмица 65.041
Културно лето и роденден на општината Кисела Вода 64.228
Струмица опен фестивал Струмица 43.902
Ревијална вечер на „Фолк фест“ Валандово 41.559
Етно плоштад фестивал Берово 35.771
Фестивал на храна и пијалаци Гевгелија 32.520
Неготинска вечер Неготино 32.520
Фестивал на пита и вино Велес 30.000

Како се спроведуваат набавките на услугите за организирање манифестации?

Општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно се наоѓаат начини да не се спроведат целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентите постапки. Набавките на т.н. посебни услуги, во кои спаѓаат ваквите манифестации, се исклучени од Законот за јавни набавки доколку нивната вредност е до 10.000 евра. Овде спаѓаат услугите за организирање културни настани, фестивали, забави, саеми и панаѓури. За нив единствено се објавува т.н. поедноставено известување за склучен договор, се наведува во истражувањето.

Доколку вредноста на овие услуги е поголема од 10.000 евра, може да се примени постапка со преговарање без објавување оглас, да се објави оглас за јавна набавка или, пак, да се објави претходно информативно известување во кое ќе се наведе дека договорите ќе се доделуваат без натамошно објавување, но со покана за заинтересираните фирми да го изразат својот интерес.

Сепак, има општини коишто на ваков начин избираат само фирма којашто ќе ја спроведе манифестацијата или, пак, цела годишна програма во која што се опфатени неколку манифестации. Потоа, и плаќањето оди целосно преку таа фирма, без да се знае колку поединечно чини некоја манифестација или поединечен изведувач.

Некои општини, пак, делегираат надлежност на фирми, најчесто маркетинг агенции, за организирање на ваквите настани. И во овие случаи не се обелоденуваат информации за поединечното чинење на секоја манифестација, ниту за исплатените суми на поединечните изведувачи.

Од 81 единица на локалната самоуправа, само 50 општини имаат вакви трошоци, додека 29 одговориле дека немаат. Две општини, Ѓорче Петров и Тетово не доставиле информации, ниту по доставените барања, ниту по решенијата од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, додека Охрид тоа го сторила само за трошоците во 2024, но не и за 2023 година.

Северина и Розга со хонорари над 20.000 евра

Како и да е, според познатите податоци за исплатените износи на поединечните изведувачи, најмногу пари се плаќаат на пејачи и пејачки од поранешните југословенски простори. Така, најскапо платена индивидуална изведувачка е Северина Вучковиќ, за која Општината Крива Паланка потрошила повеќе од 25.000 евра од својот буџет.

Следна на листата – најплатени индивидуални изведувачи – е Јелена Розга, која од беровската општина добила 22.000, а од пробиштипската 20.000 евра. Или заедно за двата настапа заработила повеќе од 42.000 евра.

Следи Хари Мата Хари кој од Неготино добил 19.500 евра, а веднаш зад него е пејачот Саша Матиќ кому Велес му исплатил 17.000 евра.

По 13.000 добиле домашната пејачка Бојана Скендеровски, од Општина Неготино, групата С.А.Р.С. од Општина Велес и пејачот Петар Грашо од Општина Градско. Само 11.000 евра добила домашната пејачка ѕвезда Каролина Гочева од Општина Крива Паланка.

Најскапо платени изведувачи со пари на граѓаните во 2024 година (до октомври)

Изведувач Манифестација Општина Сума во евра
Северина Вучковиќ Крива Паланка – Град на културата Крива Паланка 25.123
Јелена Розга Етно плоштад фестивал Берово 22.487
Јелена Розга Ден на општината 28-ми август Пробиштип 20.031
Хари Мата Хари Неготинска вечер Неготино 19.512
Саша Ковачевиќ Фестивал на пита и вино Велес 17.000
Бојана Скендеровски Неготинска вечер Неготино 13.008
S.A.R.S. Фестивал на пита и вино Велес 13.000
Петар Грашо Градско, храна, вино и традиција Градско 13.000
Каролина Гочева Крива Паланка – Град на културата Крива Паланка 11.110

Минатата година, пак, најскапо платен бил Саша Ковачевиќ, кој од Општина Штип добил повеќе од 25.000 евра, а на второ место е Даниела Мартиновиќ која од истата општина добила 14.000 евра, односно дури 10.000 помалку од нејзиниот колега Ковачевиќ.

Речиси колку Даниела Мартиновиќ добил и Жељко Самарџиќ, од Општина Берово, а домашната група Меморија добила 12.000 од Општина Велес.

Речиси 9.000 евра од Општина Гостивар добило културно-уметничкото друштво Јахи Хасани, а Општина Штип му платила скоро 8.000 евра на Амадеус бенд.

Најскапо платени изведувачи со пари на граѓаните во 2023 година

Изведувач Манифестација Општина Сума во евра
Саша Ковачевиќ Пастрмајлијада Штип 25.774
Даниела Мартиновиќ Пастрмајлијада Штип 14.226
Жељко Самарџиќ Етно фестивал Берово 13.913
Меморија Фестивал на пита и вино Велес 12.000
КУД Јахи Хасани / Гостивар 8.943
Амадеус Бенд Пастрмајлијада Штип 7.842

Домашните изведувачи со значително поскромни хонорари

Кога станува збор за домашните изведувачи, тие добиваат значително пониски хонорари отколку нивните колеги од другите држави од поранешната југословенска заедница. Најплатена домашна изведувачка годинава е Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата Неготинска вечер добила 13.008 евра.

Втора на листата „најплатени домашни изведувачи“ во 2024 година е поп-ѕвездата Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива паланка – Град на културата добила 11.110 евра.

Трет на оваа листа е Кирил Џајковски кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество на манифестацијата Ревијална вечер на Фолк-фест.

Другите домашни изведувачи добиваат многу поскромни хонорари (список на сите исплатени хонорари по општина, изведувач, износ, дата и манифестација има во прилог на овој извештај, во отворен формат).

Од податоците на општините коишто не кажуваат колку пари ги исплатиле поединечните настапувачи, туку само вкупната сума што ја исплатиле на фирмата организатор, произлегува дека најмногу пари добиле неколку домашни фирми.

Прва годинава е Иноватива груп, која за организација на четирите забавни манифестации во текот на годината, од Општина Кавадарци добила 202.098 евра. Втора е Спектаклум ДООЕЛ која за организација на забавни манифестации во две општини, Кисела Вода и Вевчани, годинава добила 84.715 евра. Следна е Скендеровски продукција која за организација на 4 манифестации во Битола, Гевгелија, Крива Паланка и Свети Николе добила од соодветните општини вкупно 35.203 евра.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации е направено според податоците добиени од општините врз основа на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Share This Article