Еден од најдобрите тенисери на сите времиња Новак Ѓоковиќ им даде поддршка на студентите, професорите и на средношколците кои со недели протестираат во Србија, барајќи одговорност за трагедијата на железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 лица.
Светскиот тенисер, кој има освоено 24 титули од Грен слем, се огласи на својот Икс во средата вечерта.
„Како човек што длабоко верува во силата на младите и нивната желба за подобра иднина, сметам дека е од исклучителна важност нивниот глас да биде слушнат. Србија има огромен потенцијал, а нејзината најголема сила е образованата младина. На сите нас ни се потребни разбирање и почит. Со вас, Новак“, напиша Ѓоковиќ, кој претходно ги поддржа и протестите против копањето литиум во Србија.