Изградбата на солунското метро траеше речиси две децении, а беа потребни две недели да се појави дефект. Снимка која се појави на социјалните мрежи покажува дека патниците мораа да се симнат и да поминат низ тунелите поради дефектот, пишува „Јутарни лист“.
На граѓаните им беше ветено дека во метрото ќе има подземен музеј поради бројните артефакти пронајдени во 2006 година, кога метрото уште се градеше. Меѓу артефактите се и пазар од византиската ера и римски гробишта.
Овие откритија ја забавија работата на проектот и поттикнаа дискусии за тоа како да се продолжи со изградбата со зачувување на богатото археолошко наследство. Решението е пронајдено во спој на модерно и историско – патниците треба да уживаат во артефактите пред да се качат во возот.
– Ова е можност Солун да стане втор Рим кога станува збор за антиквитети – велат археолозите.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на посетата на метрото минатиот петок, истакна дека ова е веројатно единствен случај во светот – комбинација на метро и музеј.
Изградбата на солунското метро траеше речиси две децении делумно и поради финансиските тешкотии за време на грчката должничка криза во 2009-2018 година.
Изградено е на длабочина до 31 метар, што е подлабоко од првично планираното, така што археолошките локалитети би останале зачувани над тунелот.
Според изготвувачите на проектот, таквиот пристап обезбеди уникатна комбинација на модерен транспортен систем и историско наследство, што би можело да го направи Солун посебен на глобално ниво.