Хрватската пејачка Северина ги поддржа студентите кои блокираа десетици факултети во Србија барајќи одговори за уривањето на бетонската натстрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Северина вели дека се гордее што е современик со студентите. Нејзината нова песна „Тако ти је, сине мој“ е делумно инспирирана од, како што претходно изјави прејачката, „убавата младина во Србија која се бори за правда и не сака да си ја продаде честа“.
„Почитувани деца, драги млади, драги млади и стари луѓе, драга Младинска иницијатива за човекови права, драги студенти од сите земји кои се обединија во оваа наша област. Сакам да ви кажам дека, ако некогаш ми беше драго што сум современичка на ова општество, што не е баш најубавото нешто, мило ми е што сум ваша современичка. Затоа што ја правите оваа земја, всушност сите овие земји и целиот свет, студентите и луѓето како вас, младите како вас – подобро место за живеење“, рече Северина во своето обраќање.
Таа им се заблагодари на студентите, наведувајќи дека е секогаш со нив. Таа ја спомена и поговорката која вели „добри гласови има многу повеќе отколку лоши, но лошите се слушаат далеку“ и изјави дека тоа не е случај деновиве.
Таа најави дека ќе дојде во Србија.
„Деновиве само добри гласови се слушаат од целиот регион, а особено од Србија. Ви благодариме за сè, држете се таму. Сигурно ќе дојдам што е можно поскоро, се надевам, а знаете и вие дека ќе дојдам“, рече таа.
Северина летово беше приведена на граница при влез во Србија поради „спорни изјави“, а тогаш изјави дека не планира да доаѓа во земјата додека претседателот Александар Вучиќ е на власт.