„Трета светска војна е во тек. Во Украина“, гласи насловот на бриселски Политико во кој се вели дека на фронтот може да се слушнат и други јазици освен рускиот и украинскиот.
„Денес, војниците од двете страни на конфликтот комуницираат на шпански, непалски, сомалиски, српски и корејски. Странските јазици во рововите се само еден знак дека конфликтот добива сè поголема меѓународна димензија“, пишува медиумот.
Во написот се вели дека „на небото, ирански дрон Шахед може да пресретне американски систем за ПВО додека на земја, германската артилерија ги надминува севернокорејските гранати. Речиси три години подоцна, тешко е да се рече дека конфликтот меѓу Русија и Украина е „регионален“.
Она што започна во февруари 2022 година како најголема копнена војна во Европа од Втората светска војна, сега се бори за титулата најглобален конфликт од Студената војна, со десетици земји директно или индиректно вклучени во неа, сугерира анализата.
Третата светска војна наликува на Првата светска војна
„Но, за разлика од Студената војна, Москва нема прокси конфликти каде што може директно да го нападне НАТО“, се вели понатаму во анализата.
Идејата за замрзнување на конфликтот, кој вклучува територијални отстапки од Украина, повеќе не е табу тема, туку сериозно се разгледува, предупредува текстот. Се вели дека ниедна од страните не ја добила воената поддршка која ја посакува и дека кубури со оружје.
Политико заклучува дека ако НАТО ја повлече поддршката, Украина нема да преживее, додека Путин зависи од поддршката на Кина и во спротивно ќе мора да ги ограничи апетитите.
„Во својата четврта година конфликтот повеќе наликува на војна на трошење како Првата светска војна, отколку трета светска војна со висока технологија“.
Украина и САД против Русија и Северна Кореја
„Тој аспект на конфликтот може да го одреди неговиот исход, бидејќи Украина ризикува да го изгуби својот најголем сојузник со доаѓањето на Доналд Трамп на чело на САД, додека Русија привлекува поддршка од американските непријатели како Северна Кореја“.
– Последниот пат кога видовме вакво нешто веројатно беше советската инвазија на Авганистан. Тогаш Западот заедно со Пакистан ги поддржуваше муџахедините и сите се вклучија – изјави за Политико истакнатиот историчар за Студената војна Сергеј Радченко.
Путин очекуваше краток конфликт
Кога Москва ја започна инвазијата, Кремљ ја оправда како одбранбен потег против НАТО.
„Постои широка согласност дека Путин очекувал краткотраен конфликт, потпирајќи се на досегашната пасивност на Западот кон неговите акции во Украина, Молдавија и Грузија“, пишува Политико.
Сепак, Украинците дадоа неочекуван отпор, а Западот брзо реагираше, испраќајќи оружје и разузнавачки информации кои го запреа рускиот напредок и го интернационализираа конфликтот.
– Ќе беше локален конфликт доколку брзо завршеше. Но, не е така – рече Радченко.
Русија ги вмеша Иран и Хутите во Јемен
Статијата продолжува велејќи дека меѓународната димензија станала клучна за двете страни во војната во која „Украина се бори за опстанок, а Русија за доминација“.
Аанлизата спомнува и дека Русија доби сојузници како Иран, кој испорачува беспилотни летала и Северна Кореја, која испраќа проектили и војници.
„Земјите од БРИКС, незадоволни од западните финансиски институции, често покажуваат предност кон Русија. Кинеската поддршка, која вклучува купување на руска нафта и технологија, е од клучно значење за руската економија“, пишува Политико.
– Индија и другите можат да тргуваат со Русија, што е значајно. Но, ништо не се споредува со она што го носи Кина – рече Александар Габуев, директор на Карнеги центарот за Русија и Евроазија.
Текстот спомнува и дека Русија „користи хибридни методи за да предизвика проблеми и поделби, вклучително и мешање во изборите и поддршка на проруски групи како Хутите во Јемен“.