Грозни, главниот град на Чеченската република, утринава беше цел на напад со беспилотно летало. Според чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, дронот бил пресретнат над касарната на специјалниот полициски полк.
„Никој не е сериозно повреден. Со полесни повреди се здобиле четворица чувари. Дежурниот персонал бил во заштитени простории во моментот на нападот“, напиша Кадиров, припишувајќи го нападот на Вооружените сили на Украина.
Експлозијата го оштетила покривот и ги искршила стаклата, додека од паѓањето на остатоците настанал пожар кој брзо бил изгаснат.
Кадиров го опиша инцидентот како „бедна акција“ и рече дека тоа само ја зајакнало решителноста на Чеченија.
Тој се закани дека резервните сили од 84.000 доброволци се „подготвени за мобилизација“, ветувајќи: „За овие четворица ранети ќе елиминираме 400 украински војници“.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека 16 украински беспилотни летала биле пресретнати и уништени во текот на ноќта, вклучувајќи еден во Чеченија, три во Северна Осетија, четири во регионот Курск и осум над Крим.
Ова не е прв напад со дрон во Грозни. Минатата среда, на 4 декември, украинско беспилотно летало го погоди покривот на истата касарна на специјалниот полк и бензинска пумпа, при што беа повредени цивили.