Грчките безбедносни служби ја засилија борбата против организираниот криминал, насочувајќи ги своите активности кон турската мафија што оперира во земјата. Како дел од координираната акција, која се одвиваше истовремено во Атина и Солун, беа уапсени осум лица, додека други осум беа приведени на распит. Полицијата откри 49 единици огнено оружје, пренесоа локалните медиуми.
Операцијата ја води Управата за борба против организиран криминал, која се стреми да ги демаскира и неутрализира криминалните структури што се закана за јавната безбедност.
Последниот голем судир меѓу припадниците на турската мафија се случи во понеделникот во утринските часови, во една атинска населба. Двајца мажи, Турци со курдско потекло, беа убиени, а уште едно лице беше сериозно повредено. Полицијата уапси две лица кои се осомничени за директна вмешаност во нападот. Инцидентот предизвика вознемиреност кај жителите на Атина и покрена дополнителни прашања за влијанието на организираниот криминал во Грција.
фото: EPA-EFE/ACHILLEAS CHIRAS