Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, попладнево изјави дека НАТО очекува посилен знак на деескалација од најавата за повлекување на војниците во и околу Украина. Според него военото засилување со артилерија и опрема на Русија продолжува, а трупите можат да се вратат во секој момент.
– Не гледаме деескалација на терен, нема намалено воено присуство на границата, ние ќе продолжиме да набљудуваме од блиску што прави Русија, имаме знаци дека има волја во Москва за ангажман во дипломатски напори и тоа ни дава причина за внимателен оптимизам – рече Столтенберг денеска пред новинарите.
Повлечете ја и воената опрема, не само трупите
За НАТО, исто така, проблем е што Москва не ја повлекува воената опрема.
– Повлекувањето на опремата бара повеќе време од повлекувањето на трупите, тие влегуваат со тешка опрема и трупите можат брзо да се вратат назад, она што треба да го видиме е значајно и трајно повлекување на воените сили и на тешката опрема. Она што го гледаме од минатата пролет е растечки тренд кој ќе има последици врз безбедносната состојба во Европа – додаде генералниот секретар на НАТО.
Алијансата, сепак, ги поздрави знаците на добра волја за разговори од страна на Русија и изрази надеж дека Москва ќе одговори на серијата предлози испратени од страна на НАТО до Москва на крајот на јануари кои би се разговарале во рамките на Советот НАТО-Русија. Засега нема одговор од Москва.
Го цениме тоа што Украина сака да аплицира
Столтенберг денеска повтори дека политиката на отворени врати, односно на проширување, на НАТО не се менува и дека декларацијата од Букурешт во 2008 која ја отвори вратата за потенцијално зачленување на Украина и Грузија во Алијансата и натаму важи.
– НАТО ги почитува суверените одлуки на земјите, како што почитуваме дека Шведска и Финска не аплицираа за членство во НАТО, така почитуваме што Украина сака да аплицира, но тоа Русија и Кина не го почитуваат – рече генералниот секретар.
Утре 30 НАТО-земји ќе ја поддржат Украина
Столтенберг изрази увереност дека утре на Состанокот на министрите за одбрана 30-те земји членки на Алијансата ќе ја повторат нивната политичка поддршка за партнерството со Украина и за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Украинскиот и грузискиот министер за одбрана ќе им се придружат на НАТО министрите на една од сесиите.
Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО се одржува утре и задутре. Министрите најголем дел од дискусиите ќе го посветат на безбедносната криза со Русија, како и иднината на стратешкиот концепт на НАТО.