Васко Ковачевски, поранешниот директор на Електрани на Македонија (ЕСМ) е последен осомничен од целата група од 22 лица осомничени во случајот „Адитив“, за криминал тежок 6,5 милиони евра при злоупотреба на јавна набавка за адитиви за горивата во македонските термоелектрани, рече денеска Ислам Абази, шеф на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција на брифингот во ЈО.
Засега Ковачевски се сомничи за делото несовесно работење во службата.
– Во предметот „Адитив“ 9 лица се во притвор, за 13 лица има мерки за обезбедување. Имаме 5 барања за замрзнување на имот, а се однесува на поголем имот. Извршени се повеќе претреси, одземени 208.000 евра. Одземени се мобилни телефони, усб стикови, обемна документација и возило марка „бмв“ – информираше обвинителот Абази.
На прашањето дали во предистрагата биле опфатени и други лица, за кои засега не се најдени докази, како на пример, лица на партиски позиции, а не функционери, Абази ја објасни хронологијата на предметот.
– Дојде како кривична пријава за јавната набавка на адитивите и беа отворени предмети во ОЈО Битола и во ОЈО Кичево. Работејќи на случајот, обвинителите од овие обвинителства дојдоа до сознанија дека предметот треба да се префрли во ОЈО ГОКК, затоа што индициите се за кривични дела од ова обвинителство. Републичкото ЈО пресече дека се работи за кривично дело злоупотреба од надлежност на ОЈО ГОКК. Ако има сознанија и за други дела и личности, ќе продолжи истрагата – рече Абази.
На прашањето зошто Васко Ковачевски не е обезбеден и се дозволило да избега, а со месеци имало предистрага, Абази рече дека како име тој е последен прозлезен во истрагата.
– Обвинителите завчера утврдија дека и тој е сторител на кривично дело. Откако беа обезбедени докази дека е вмешан во дел од случајот, спроведена е постапка и за него – рече Абази.
Според шефот на ОЈО ГОКК, засега нема докази дека Ковачевски е дел од организираната група.
– Сега засега е тоа. Одземени се над 30 телефони. Моментално не поседуваме докази дека е дел од групата. Анализираме уште – рече Абази.
Тој додаде дека во предметот се опфатени повеќе кривично-правни настани, како во РЕК Битола, така и во ТЕЦ Неготино и дека дел од предметот се работи во МВР, а дел во финансова полиција.
Абази потврди и дека против Ковачевски има уште една пријава од 2020 година, но, како што објасни, тој и сегашниот случај не се поврзани.
– Точно е дека за Ковачевски сме имале кривична пријава, сме ја реферирале до Републичкото јавно обвинителство и сме донеле решение за нејзино отфрлање. Поднесена беше жалба до Вишото јавно обвинителство кое ни го врати предметот со одредени напатствија. Постапивме по напатствијата и повторно ја отфрливме пријавата. Сега повторно Вишото обвинителство го вртати предметот на одлучување и во тек е постапката. Ќе ги разгледаме напатствијата и ќе донесеме соодветна одлука – рече Абази.