Потврдено е дека пациентите болни од рак на Клиниката за онкологија биле несоодветно лекувани, а се сомневаме дека на некои пациенти воопшто не им е давана терапија иако е препишувана на нивно име, рече денеска обвинителката што го води предметот Онкологија на брифинг во Јавното обвинителство.
Таа информираше дека истрагата е при крај.
ЈО испратило истории на пациентите во Србија и во Словенија, а резултатите што пристигнале од српските вештаци ги потврдило сомнежите за несоодветно лекување на пациентите.
Резултатите од вештачењата во Словенија треба да бидат готови до крајот на јануари следната година.
– Кај нас нема вештак онколог, па издадовме наредби за вештачења до Србија и до Словенија. Во Србија испративме 16 истории и тоа вештачење е завршено. Во Словенија, испративме 51 историја и тоа вештачење треба да заврши до крајот на јануари. Во моментов можам да потврдам дека нашите сомнежи за несоодветно лекување се потврдени со вештачењето од Србија. Се надеваме дека истрагата ќе трае до 31 јануари кога и би ја затвориле – рече надлежната обвинителка.
Според неа, докази за продажба на цитостатици во Косово не се обезбедени.
– Сепак, се сомневаме дека на некои пациенти воопшто не им е давана терапија, иако била препишувана на нивно име – истакна обвинителката.