Претседателот на владата на Албанија, Еди Рама, истакна дека албанскиот јазик не е прашање за Уставниот суд во Македонија.
– Сега тука се внесува и темата за албанскиот јазик, кој во моментот е во еден неразбирлив и необјаснив контекст за мене, во Уставниот суд на Македонија. Јас не велам дека лидерите кои веруваат во Уставните судови на други држави грешат. Но, јас мислам дека тоа што албанскиот јазик го има стекнато како право на граѓанство во Македонија, не е прашање за Уставниот суд. Не е прашање на закони, не е прашање на привремени желби на политичките партии. Кажувам привремени, бидејќи политичките партии се избираат еднаш на четири години и некогаш се на една страна, некогаш на друга страна, некогаш имаат многу нешта во рацете, некогаш немаат ништо – рече Рама.
Понатаму, премиерот Рама смета дека: „Албанскиот јазик е прашање од суштинска важност што извонредно придонесе не само за одржување на единството на Македонија, туку и за поттикнување на духот и начинот на соживот меѓу двата државотворни народи на Македонија – Македонците и Албанците – во смисла што Арбен Џафери ја опишуваше како свој најголем сон во контекст на интеграцијата“.