Претседателство на Демократската унија за интеграција синоќа одржало состанок за да ја процени, како што наведува, загрижувачката ситуација предизвикана од закажаната седница на Уставниот суд на 11 декември која има за цел да го укине Законот за употреба на јазиците и преку тоа да го поништи Охридскиот рамковен договор и мирот што тој го воспостави.
„Тесното раководство оцени дека овие постапки се дел од оркестрирана кампања на нелегитимната влада и претставуваат сериозна закана за стабилноста на земјата и меѓуетничката хармонија. Во пресрет на оваа неприфатлива состојба, одлучено е во понеделник да го свика највисокото партиско тело за да се донесат одлуки за натамошните чекори и да се дефинираат конкретни мерки за спречување на обидите на владата да ја дестабилизира земјата. Истовремено, уште еднаш ги повикуваме сите актери вклучени во овој монструозен и крајно опасен план да ја прекинат оваа лудост, бидејќи последиците ќе бидат незамисливи“, порача ДУИ.Од партијата на Али Ахмети ги повикуваа граѓаните и меѓународниот фактор „во овие клучни моменти да останат обединети во одбраната на мирот и стабилноста“.