Денеска избувнаа жестоки борби меѓу сириската армија и коалицијата на бунтовници, предводена од радикални исламисти кои се обидуваат да напредуваат кон стратешки важниот град Хама, во истоимената провинција во центарот на земјата, јавува невладиниот Сириски Центар за мониторинг на човековите права.
Бунтовниците минатата недела започнаа блиц-офанзива за заземање на Алепо, вториот по големина град во Сирија на северот на земјата, над кој владините сили целосно ја загубија контролата првпат од почетокот на граѓанската војна во 2011 година.
„Во северниот дел на провинцијата Хама се водат жестоки борби, додека, пак, руските и сириските воздушни сили изведуваат десетици напади врз позициите на бунтовниците. Бунтовниците успеаја да преземат контрола над неколку градови и села во областа Хама“, соопшти Центарот sо седиште во Велика Британија.
Фотограф на францускиот печат утринава видел десетици напуштени тенкови и воени возила на сириската армија на патот што води кон Хама.
Сириската армија објави дека испратила засилување во областа, кое во последните два дена успеало да го забави напредувањето на бунтовниците.
Сириското Министерство за одбрана соопшти дека вчера се воделе тешки борби меѓу армијата, поддржана од сириски и руски воздушни напади, и „терористичките организации“, северно од провинцијата Хама.
Хама е стратешки важен град во центарот на Сирија на патот што го поврзува Алепо со главниот град Дамаск.
– Околината на градот е населена со Алавити, заедницата од која потекнува сирискиот претседател Башар ал Асад – изјави директорот на центарот, Рами Абдел Рахман, пренесен од француските медиуми.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вчера изрази загриженост поради неодамнешната ескалација на насилството во Сирија и повика на моментален прекин на непријателствата.