Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер рече дека САД засега не се во позиција да кажат кој стои зад нападот на каналот Ибар-Лепенец во северно Косово. По средбата со премиерот на Косово Албин Курти, тој повтори дека САД го осудуваат нападот врз критичната инфраструктура на Косово.
– Сметаме дека е важно луѓето кои се одговорни да бидат идентификувани и повикани на одговорност. Во оваа фаза, САД не се во позиција да кажат кој стои зад овој напад… Овие работи бараат внимателна истрага – рече Ховениер.
Амбасадорот рече дека САД ја поддржуваат истрагата и ќе им дадат целосна поддршка на косовските власти во истрагата за овој напад, пишува приштинската Газета експрес.
Тој додаде дека се обврзале дека веднаш штом ќе бидат познати одговорните лица, ќе соработуваат со надлежните за да одговараат.
– Тоа е обврска на САД, а верувам и на другите партнери – рече тој.
КФОР потврди дека Приштина побарала овластување за да им дозволи на косовските безбедносни сили да одат во северниот дел, односно за „потенцијално“ распоредување во „погодената област“ по експлозијата во која беше оштетен каналот Ибар-Лепенац, но тоа барање било одбиено.
Според косовскиот премиер Курти, петочната терористичка акција на косовскиот север е поврзана со последните руски напади во Украина против тамошната енергетска инфраструктура.
Тежината на последиците од овој напад, „доколку ја постигнеше целта“, рече косовскиот премиер, „би била вртоглавa“.