Последната беседа на владиката Тимотеј, неколку дена пред да почине

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј редовно ги објавуваше своите беседи на интернет страницата на Дебарско-кичевската епархија.

На празникот на Соборот на св. Архангел Михаил и на другите небесни бестелесни Сили, неколку дена пред неговото упокојување, тој заради здравствените проблеми не беше во можност да служи Божествена Литургија, но неговата беседа беше прочитана на Литургијата во манастирот „Св. Наум Охридски“.

Во таа беседа Митрополитот Тимотеј, помеѓу останатото вели: „Кога смртта ќе го соблече од нашата душа телесниот покров, ние ќе се сретнеме со ангелите лице в лице, и верата ќе стане гледање. Колкава ќе биде радоста наша кога нашите души ќе се ослободат од ова земно прогонство и кога ќе се сретнеме со небесните граѓани! Колкава ќе биде весела средбата со овие бестелесни Божји синови, кои не знаат за грев, ни за страст, ни за смрт, ниту за сите овие проклетства по кои ние луѓето газиме во овој свет како по трње!“

Во продолжение во целост ја пренесуваме оваа беседа, прочитана на Литургијата на празникот на Соборот на св. архангел Михаил и на другите бесплотни Сили, на 21 ноември 2024 година, во манастирот „Св. Наум Охридски“, којшто првично е посветен токму на овие Небесни Сили, а на којашто началствуваше архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, во сослужение на протојерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света православна Црква прославува еден небесен празник, поточно празникот на светите ангели и архангели и на сите бестелесни сили, на чело со врховниот војвода на небесните сили, Архангелот Михаил. Бестелесните сили се жители на небото, па затоа и го нарекуваме овој празник небесен. Но, ако светите ангели се жители на небото, тие се жители и на земјата, па затоа ние луѓето со полно право учествуваме во денешното прославување. Светите ангели, преку нивната служба, им се толку блиски на луѓето што можеме да ги наречеме наши пријатели. Кога ние луѓето би биле почисти и поправедни од тоа што сме, светите ангели би можеле да ги наречеме и наши браќа. Тогаш би можеле да ги видиме со нашите телесни очи и да ја почувствуваме нивната љубов и грижа кон нас. Но, ако сега не ни е дозволено да ги гледаме поради нашите гревови, наложена ни е верата во нив, пропишано ни е почитување на светите ангели и препорачано ни е славење на овие прекрасни и непорочни светители Божји. Верувам дека сега за сега ни е скратено гледањето на ангелите, но не и засекогаш.

Кога смртта ќе го соблече од нашата душа телесниот покров, ние ќе се сретнеме со ангелите лице в лице, и верата ќе стане гледање. Колкава ќе биде радоста наша кога нашите души ќе се ослободат од ова земно прогонство и кога ќе се сретнеме со небесните граѓани! Колкава ќе биде весела средбата со овие бестелесни Божји синови, кои не знаат за грев, ни за страст, ни за смрт, ниту за сите овие проклетства по кои ние луѓето газиме во овој свет како по трње! Тие се истите оние кои му се јавиле на Авраама и му помогнале. Истите тие и денеска се јавуваат и помагаат, но не се умрени туку се живи, и не се остарени туку се вечно млади. Истите оние ангели кои го гледале Адама во рајот, ќе го гледаат и последното воскресение и судот во Царството на светиите.

Семоќниот Бог така премудро го создал и го украсил овој свет што секоја алка од синџирот на сѐ создадено до денес функционира непогрешливо во својата функција. Но, за да ја сподели повеќе Својата бескрајна љубов, Господ ги населил и небото и земјата со разумни битија. Најпрво го населил небото со безбројни ангелски чинови, а потоа земјата со битија малку помали од ангелите – со луѓе (Пс. 8, 5). Како што во видливиот свет и во земната врска е хармонично, така и во духовниот свет и сите разумни битија се тесно соединети. Во синџирот на сите разумни битија, единствено човекот е облечен во распадливо тело и, како немоќен, посебно од моментот на неговиот морален пад, човекот чувствува потреба за помош одозгора. Таа помош, а по волјата на премудриот Промислител, на човекот му ја  укажуваат ангелите чувари.

- Advertisement -
Ad image

Целиот наш живот, од раѓањето до смртта, се наоѓа под покровителство на нашиот ангел чувар. Детето уште кога ќе се роди, онака слабо и нејако, не само што чувствува потреба од морална заштита туку чувствува потреба и од заштита од висините. Господ му одредува на секое новороденче уште од моментот на крштевање ангел чувар. Уште повеќе од мајката, ангелот чувар го штити младенецот како најдобро создание Божјо од сѐ што е создадено во овој свет. И, навистина, Бог на секого му одредува ангел чувар, за што ни сведочи и Самиот Спасител, Господ Христос, Кој вели: Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата постојано го гледаат лицето на Мојот Отец небесен (Мт. 18, 10). Со овие зборови Господ Христос како да сака да ни каже: децата се мали и слаби, и според телесното и според духовното устројство. Но, без оглед на тоа, немојте да ги сметате за ништожни битија и не ги презирајте, зашто тие имаат свои ангели чувари, кои се подготвени секогаш да се застапат пред Бога за доверените им души. И младенците имаат разумна душа, а според својата чистота, невиност и чесност тие се многу поблиски до небесните ангели. Затоа и ангелите непрестајно бдеат над нивните души. Заради таа невиност и чистота на младенците, Спасителот ги сака децата и вели: Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите е царството Божјо! Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него (Лк. 18, 16-17). А на друго место вели: Вистина ви велам, ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството небесно (Мт. 18, 3).

Затоа и ние во Црквата постојано се молиме во ектенијата: Ангел на мирот, верен раководител, чувар на нашите души и тела просиме. Но, ангелот чувар не се наметнува со сила. Тој нѐ следи и нѐ чува сѐ додека ние не го исфрлиме од нас со нашите беззаконија и лош живот. Ако се покажеме неправедни преку непочитувањето на законот Божји и со грешење, ангелот чувар со жалење нѐ остава, а ние доброволно се предаваме во рацете на демонот.

Да не даде Бог никој од нас да не остане без својот ангел чувар поради наша вина. Но, во ниту еден друг ден не ни е толку наложено да мислиме за ова како што тоа ни го наметнува денешниот ден, кога го славиме денот на светите ангели и архангели.

- Advertisement -
Ad image

О, безбројни небесни сили, ангели и архангели, ве молиме ние недостојните, да не нѐ оставите без вашата помош во текот на целиот наш живот. Ве молиме штитете нѐ од секакво зло и од сите видливи и невидливи непријатели. Та сите тие да познаат дека и Бог и сите Негови свети ангели се со нас, сега и во сета вечност. Амин.

Извор: Литургија.мк

Share This Article