Египетската ѕвезда Мохамед Салах е сè поблиску до разделба со Ливерпул, отколку до продолжување на соработката со англискиот клуб.
Во своја изјава, тој потврди дека раководството на „црвените“ досега не му понудило нов договор за останување на „Енфилд“.
Веќе подолг период се шпекулира за негово заминување во Саудиска Арабија, но најновите информации од Италија откриваат дека во трката за неговиот потпис влегол и Интер.
Италијанскиот клуб е решен да направи сè што е потребно за да го доведе Салах следното лето на „Џузепе Меаца“ и своите намери јасно му ги ставиле до знаење.
За да го остварат трансферот, наводно Интер планира да направи значителни измени во својот тим. Според плановите, тие би се разделиле со тројца офанзивци – Марко Арнаутовиќ, Мехди Тареми и Хоакин Кореа – со цел да обезбедат простор во буџетот за неговата висока плата.
Салах, кој пред доаѓањето во Ливерпул играше за Рома, добро ги познава условите и фудбалската сцена во Италија, што дополнително ја зголемува веројатноста за негово враќање во Серија А.