Мерка притвор за три полнолетни лица побара Основното јавно обвинителство Скопје, откако поведе постапка против нив за кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. Постапката против приведеното малолетно лице ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата, соопшти Обвинителството.
На одбележувањето на денот на албанското на 28 ноември, имаше сквернавење на македонското знаме што предизвика стравувања за подгревање на меѓуетничките тензии во државата.
„Осомничените на 28.11.2024 година околу 20:00 до 23:00 часот на булеварот Крсте Мисирков во Скопје, по завршување манифестација на плоштадот Скендербег по повод прослава на денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност“, пишува во соопштението од Обвинителството.
Во бројните видеа кои се споделуваат на социјалните мрежи, може да се забележи како лица го симнуваат државното знаме, го кинат и шутираат со нозе. Инцидентот за кој се тврди дека се случил во Скопје, во близина на Бит пазар, предизвика лавина реакции од граѓани, како и осуда од сите политички актери.
Министерстот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека уапсени се осум лица од кои четири МВР ги гони за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. За ова дело предвидена е казна од најмалку една година затвор. Осомничените се млади лица на возраст од 18 до 21 година, а има и еден малолетник.
– Еден од овие луѓе е фатен како се обидува да запали знаме, друг како го симнува знамето – рече Тошковски додавајќи дека во расчистување на овој инцидент им помогнале токму снимките од социјалните мрежи.
Останатите четворица, пак, кои биле приведени во текот на изминатата ноќ, според информациите од полицијата, се за учество во тепачка. Тошковски најави дека ќе има и други апсења и повика граѓаните да помогнат со доставување видеа, фотографии, изјави итн.