Загрижени сме од последниот говор на претседателот на МАНУ, Живко Попов, во кој се изразува опасна опсесија на оваа институција за употребата на албанскиот јазик во некои сфери од јавниот живот, како што се армијата, полицијата, здравството и судовите, реагира здружението на граѓани „Академско здружение на Албанците за наука и уметност – Академијата“.
„Академик Попов ги потврди претходните изјави на академик Катица Ќулавкова (7.11.24), која заедно со група академици и Институтот за македонски јазик, вели дека покренале иницијатива за смена на Балансерот и барале од Уставниот суд отстранување на неколку членови од Законот за употреба на јазиците.
Нашата Академија ова го гледа како продолжување на политиките кои им штетат на интересите на Албанците, како грд процес на политизација на МАНУ, поттикнување на етничката нетрпеливост и доказ за слабата работа и раководство на оваа институција. Тие, под влијание на САНУ, пред една деценија објавија Енциклопедија која содржеше навреди, стигма и невистини за Албанците“, реагира здружението.
Доколку МАНУ имаше високи научно истражувачки квалитети во изминатите 57 години, се додава во реакцијата, државата немаше да биде во сегашната ситуација, со изгубени 30 години во спорови со соседите, кои завршија со неуспех, во случајот со Грција.
„Исто така, како што се случува во сите земји во светот, науката би го дала својот придонес за заедницата и индустријата, а патиштата и тунелите не би завршувале во бездна, како што, за жал, се случува кај нас. Скопје, Струмица, Битола, Тетово и Кичево денеска се меѓу 10 најзагадените градови во светот. Главниот град е збиен со пропаднат јавен превоз“, се вели во соопштението до јавноста.
Научниците од МАНУ, се додава, не спомнаа зошто тие како научници не ги предвиделе овие проблеми и не понудиле никаква стручна дебата, истражување за загадувањето и другите гореспомнати неисполнети животни потреби, одржливиот развој и планирање на заедницата.
„Зборуваате за вашата мултикултуралност, но иронично е што вие, луѓе кои никогаш не се поздравувале со Албанците и кои не знаат што значи зборот мирдита, има давате и им земате права на Албанците. Вие, така, зборувате за себе. Во еден либерален демократски систем човековите права и мултикултурализмот се во пораст, без разлика на јазикот или етничката припадност. Тие се вредноста на слободното општество“, реагира албанското здружение на граѓани.
Тие потенцираат дека постојат три години и додаваат дека Бошњаците во Санџак имаат своја научна академија со државно финансирање.
„Слушнавме и филозофеми за нашата Академија. Да, постои веќе три години. Токму вашите напори да ги политизирате правата на Албанците, наместо да се занимавате со научно истражување, нè мотивираа да се ангажираме и да ја реализираме нашата мисија и визија. Одиме понатаму! Бошњаците од Санџак, со 2,3% учество во вкупната популација на Србија, имаат своја академија на науките, со седиште во Нови Пазар, со јавно финансирање. Нашата академија се залага за унапредување на правата на сите во општеството, обезбедување нови простори и можности за употреба на македонскиот и албанскиот јазик. Актуелниот Закон за јазици, сепак, е дискриминаторски кон Албанците и е под нивото на јазичните права на Албанците како што е предвидено во Уставот од 1974 година, каде Албанците беа еден од државотворните народи, а Македонците и Албанците беа еднакви. Овие и други иницијативи против Албанците немаат шанси некогаш да се реализираат“, се додава во реакцијата.
Претседателот на МАНУ Живко Попов, завчера на Денот на МАНУ, рече дека Законот за употреба на јазиците на сите етнички заедници во државава треба да се доуреди и да се допрецизира.
– Никој во Академијата, вклучувајќи ме и мене, не смета дека употребата на албанскиот и на јазиците на останатите немнозински заедници во државата, како придобивка од Охридскиот рамковен договор и уставна категорија, треба да се укине, туку напротив, таа треба во законското решение да се доуреди и допрецизира во одредени области, со цел да се подобри нејзината применливост. Тоа особено се однесува на функционирањето на правосудниот систем, работата на полицијата, армијата, потоа на здравствениот систем и друго, каде со оглед на деликатноста и одговорноста на она што е предмет на работа, нужна е употребата на еден општ јазик за разбирање – рече Попов.
Тој смета дека постојаното преведување и пишување разни извештаи, оперативни планови и протоколи на два или повеќе јазика со судски превод, значително ќе го оптовари професионалното работење и ќе ги зголеми финансиските трошоци во овие и други сензибилни области на општественото живеење.
– За сето ова да се избегне ќе биде потребно усогласување и допрецизирање на законското решение во однос на овие и други работи и вградување на сугестиите и барањата на Венецијанската комисија, чијшто филтер треба да го помине. Тоа, впрочем, е и наша обврска како држава, не само во однос на овој, но и на други закони на кои ќе наидеме на патот на нашето членство во Европската Унија – рече завчера претседателот на МАНУ.