Кина суспендираше висок воен функционер и започна истрага против него, соопшти кинеското Министерство за одбрана.
Суспендираниот Миао Хуа е директор на одделот за политички прашања на моќната Централна воена комисија, која ја надгледува војската.
Миао е под истрага за сериозни дисциплински прекршувања, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, Ву Цијан.
Портпаролот не ги објасни наводите против адмиралот Миао. „Сериозно кршење на дисциплината“ е еуфемизам кој често го користат кинеските официјални лица кога зборуваат за корупција, објави Франс прес.
Миао е еден од петте членови на моќната комисија која ја надгледува најголемата војска во светот, на чело со кинескиот претседател Кси Џинпинг.
Вестите за истрагата против Миао доаѓаат откако Фајненшл тајмс објави дека кинескиот министер за одбрана Донг Џун е под истрага и суспендиран. Портпаролот на Министерството за одбрана негираше дека Донг е под каква било истрага и го нарече извештајот на весникот „чиста измислица“.
„Ширењето гласини е злонамерно. Кина го изразува своето силно незадоволство поради таквото клеветничко однесување“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за одбрана.
Миао, е последниот висок функционер што падна како дел од големата кампања за сузбивање на корупцијата во вооружените сили на земјата. Како член на моќната комисија, Миао се рангира над Донг и кој било на позицијата министер за одбрана, бидејќи во Кина позициите во Комунистичката партија се помоќни од оние во владините институции.
Ова е трета неодамнешна голема промена во военото раководство на Кина.
Во јуни Кина објави дека поранешниот министер за одбрана Ли Шангфу и неговиот претходник Веи Фенгхе биле обвинети за корупција и исклучени од партијата. Тие се под истрага за корупција и поткуп.
Откако дојде на власт пред десет години, кинескиот претседател Си Џинпинг води голема кампања за борба против корупцијата меѓу државните функционери, која беше проширена и на армијата. Неговите критичари веруваат дека тоа му служи да ги елиминира ривалите на политичко ниво.