Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, во изјава за медиумите веднаш по одобрувањето на новиот состав на Европската Комисија рече дека очекува Македонија да го промени Уставот, „бидејќи тоа е нешто на коешто смета Европската Унија.
– Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот – рече Кос.
На прашањето дали потоа може да се дадат гаранции дека ќе нема други блокади, Кос рече дека таа не е личноста што може да даде одговор на тоа прашање.
Во врска со тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, Кос рече дека треба да се разговара што е можно повеќе.
– Да се зборува, што е можно повеќе и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален пролем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија – рече Кос.
Таа оцени дека проширувањето на ЕУ денес е поинакво отколку пред пет години.
– Променета е геополитичката ситуација, динамиката на проширувањето денес е сосема поинаква. Постојат реални шанси во следните неколку години да доведеме неколку држави до крајот на процесот за нивен влез во ЕУ. Не знам кои се тие држави, но ќе бидат оние кои ќе ги исполнат сите услови – нагласи Кос.
На прашањето дали 2030 година е реална за влез на Западен Балкан во ЕУ, таа кажа дека нејзиното назначување ќе биде позитивно за регионот.
– Моето назначување мислам дека е позитивно за Западен Балкан, ќе имам блиска и тесна соработка колку што е можно повеќе со државите кои се подготвени да влезат во ЕУ. Да ги посетам сите, навистина да работиме за нивен влез во ЕУ – рече новата еврокомесарка за проширување и соседска политика Марта Кос.