Бугарскиот патријарх г.г. Даниил испрати писмо со сочувство до архиепископот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, за упокојувањето на митрополитот Дебарско-кичевски од МПЦ-ОА, г. Тимотеј.
Во писмото со сочувство, покрај зборовите на уважување, почит и утеха за упокоениот митрополит г. Тимотеј, се наведува: „Во овие тешки моменти за Вас и за целата Православна црква на Северна Македонија…“.
Претходно, во адресирањето на писмото со сочувство од БПЦ, т.е. од патријархот Даниил, архиепископот на МПЦ-ОА се нарекува „Неговото Блаженство Северно-Македонскиот Архиепископ Стефан“.
За упатените во црковниот процес за целосно признавање на МПЦ-ОА, како рамноправна црква во светот на православното христијанство, забележливо е тендениозното именување на македонската црква од страна на бугарскиот партијарх како „Православна црква на Северна Македонија“, а архиепископот г.г. Стефан, како „северно-македонски архиепископ“.
Во официјалното именување на МПЦ-ОА, никаде и никогаш не се споменува додадената географска одредница во името на државата Македонија, наметнато со Преспанскиот договор во 2019 година.
Од световно-правен аспект, МПЦ-ОА е независен ентитет во државата Македонија, кој нема обврска да се придржува и да ги исполнува обврските преземени од државата со Преспанскиот договор.
Во контекст на процесите на преговори што се водат со Вселенската патријаршија за ингеренциите на МПЦ-ОА, во кои има и обиди за менување на именувањето на македонската црква, адресирањето на сочувството на бугарскиот патријарх и именувањето на архиепископот г.г. Стефан, имаат (не)скриен тон на негирање на македонскиот карактер на црквата, но и на државата.
Секако и тон на подметнување на световна дневна политизација на меѓуцрковните и духовните прашања, дури и во контекст на изразување сочувство.
Во најсвежата колективна македонска меморија, од пред 6-7 години, забележана е и епизодата со идејата Бугарската православна црква да биде мајка-црква во процесот на признавање на МПЦ-ОА, за да се заобиколи Српската православна црква (СПЦ).
Сепак, во мај 2022 година, СПЦ под водство на српскиот патријарх Порфириј издаде томос со кој ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА.