More

    Руски дезертер ги открива тајните на најмоќната единица

    spot_img

    Антон беше офицер во таен објект за нуклеарно оружје во Русија. Тој неодамна дезертираше од руската армија и беше интервјуиран од британскиот сервис Би-Би-Си на непозната локација, од безбедносни причини. Антон во интервјуто открива дека на денот кога започнала руската инвазија на Украина, базата за нуклеарно оружје каде што работел била ставена во целосна борбена готовност.

    – Пред тоа имавме само вежби. Но, на денот кога започна војната, оружјето беше во целосна готовност. Бевме подготвени да лансираме сили од морето и воздухот и, теоретски, да извршиме нуклеарен удар – рече Антон.

    Тој на новинарите на Би-Би-Си им покажал документи кои го потврдуваат неговиот идентитет, единицата во која служел, неговиот чин и базата.

    Три дена откако руските трупи ја нападнаа Украина, Владимир Путин објави дека на силите за нуклеарно одвраќање им е наредено да преминат во „специјален режим на работа“.

    фотоколаж: твитер/принтскрин

     

    Антон вели дека борбената тревога била во сила на првиот ден од војната и тврди дека неговата единица била „заклучена во базата“.

    – Сè што имавме беше руската државна телевизија. Не знаев што значи сето тоа. Автоматски ги извршував моите должности. Ние не се боревме во војната, само чувавме нуклеарно оружје – вели тој.

    Специјалниот режим беше укинат по две до три недели.

    Сведочењето на Антон нуди увид во тајната операција на руските нуклеарни сили. Исклучително ретко се случува членовите на оваа служба да зборуваат со новинари.

    – Таму има многу строг процес на селекција. Сите се професионални војници, нема регрути. За секого има постојани проверки и тестови со детектор за лаги. Платата е многу поголема, а војниците не се испраќаат во војна. Тие се таму или да одбијат или да извршат нуклеарен напад – објаснува Антон.

    Според него, животот на војниците кои работат во такви единици е строго контролиран.

    – Моја одговорност беше да се погрижам војниците хиерархиски под мене да не внесуваат телефони во нуклеарната база. Тоа е затворено општество, нема странци. Доколку сакате вашите родители да ве посетат, треба да поднесете барање до ФСБ три месеци однапред – посочува тој.

    Антон беше дел од единицата за безбедност на базата – сили за брза реакција, кои го чуваат нуклеарното оружје.

    – Имавме постојани вежби. Времето на реакција ни беше две минути – вели тој со гордост.

    Иако Русија е земја со најголем број нуклеарни боеви глави во светот, постои и загриженост дека Путин може да одлучи да користи „нестратегиско оружје“, често наречено како тактичко нуклеарно оружје. Станува збор за помали ракети кои не предизвикуваат широко распространето радиоактивно влијание. Сепак, нивната употреба ќе доведе до опасна ескалација на војната.

    Минатата недела Путин ги ратификуваше промените во нуклеарната доктрина на Русија. Во неа сега се наведува дека Русија може да преземе акција доколку се најде под „масовен напад“ на конвенционални ракети од ненуклеарна држава, но, „со учество или со поддршка на нуклеарна држава“.

    Некои западни експерти, во врска со функционалноста на нуклеарното оружје на Русија сугерираат дека тоа е главно од советската ера и можеби дури и нема да работи според планираното. Поранешниот нуклеарен офицер Антон го отфрла тоа мислење како „многу едноставен став на наводните експерти“.

    – Можеби има некои старомодни видови оружје во некои области, но, земјата има огромен нуклеарен арсенал, огромна количина боеви глави, вклучително и постојана борбена патрола на копно, море и во воздух. Нуклеарното оружје на Русија е целосно оперативно и подготвено за борба. Одржувањето на нуклеарното оружје е постојано, не запира со работата ниту една минута – истакнува тој.

    Набргу по почетокот на војната во февруари 2022 година, на Антон му била дадено, како што опишува,  „криминална наредба“ – да им држи предавања на своите војници, користејќи многу конкретни писмени упатства.

    – Ми рекоа дека украинските цивили се борци и дека треба да бидат уништени! Тоа за мене е црвена линија, тоа е воено злосторство. Реков дека нема да ја ширам оваа пропаганда – рече Антон.

    Високите офицери го прекориле со тоа што бил префрлен во редовна јуришна бригада во друг дел од земјата и му било кажано дека ќе биде испратен во војна.

    Пред да биде испратен на фронтот, Антон потпишал изјава со која одбива да учествува во војната и против него била покрената кривична постапка. Тој покажа документи кои го потврдуваат неговото префрлање во јуришната бригада и детали за кривичното дело.

    Потоа решил да избега од земјата со помош на доброволна организација за дезертери.

    Антон рече дека сака светот да знае дека многу руски војници се против војната.

    Иако ја напуштил Русија, вели дека безбедносните служби трагаат по него.

    – Тука преземам мерки на претпазливост, работам по правилата и не се појавувам во ниту еден официјален систем – истакнува тој.

    Антон вели и дека престанал да разговара со пријателите во нуклеарната база бидејќи можел да ги доведе во опасност.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img