Независниот кандидат за претседател на Романија, Калин Георгеску, кој изненадувачки победи во првиот круг од претседателските избори во неделата, ги негираше обвинувањата дека е екстремист, наведувајќи дека е само „Романец кој ја сака својата земја“.
– Обвинет сум за екстремизам, но тоа е не е вистина, целосна невистина. Јас сум му целосно посветен, со сето свое срце и со својот живот, на романскиот народ – изјави Георгеску на синоќешниот пренос во живо, на својот канал на Јутјуб.
Крајнодесничарскиот политичар, 63-годишниот Георгеску, освои 22,94% од гласовите во првиот круг, додека, пак, десноцентристичката кандидатка Елена Ласкони, лидерка на опозицискиот Сојуз за спас на Романија, е втора со 19,18%. Левичарскиот премиер Марчел Чолаку, кој според анкетите беше фаворит, заврши на третото место со 19,15%, по што поднесе оставка како лидер на Социјалдемократската партија, но ќе остане премиер до парламентарните избори на 1 декември.
Во својата изјава, Георгеску ја спореди својата победа со Револуцијата од 1989 година кога беше соборен диктаторот Чаушеску. Тој нагласи дека „нема Исток и Запад, туку само Романија,“ додавајќи дека економската стабилност на земјата зависи од нејзината неутралност.
Иако често ги истакнува црквата и семејството, Георгеску е контроверзен поради претходните изјави во кои тврдел дека воени злосторници се јунаци, а и поради неговите критики кон НАТО.
Вториот круг од изборите е закажан за 8 декември.
фото: Călin Georgescu’s Facebook profile – Video screenshot