Не сум убеден колку судот во натамошната постапка ќе ја цени дадената, па повлечена изјава на обвинетиот Влатко Кешишев, но таа изјава предизвика силна реакција кај Александар, рече денеска по судењето Владимир Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски. Тој одговараше на новинарско прашање дали случајот со изјавата покажува дека ако првообвинетиот Љупчо Палевски можел да го натера Кешишев да ја напише, тогаш можел да влијае и на другите обвинети да кажат дека Александар е вмешан во грабнувањето на неговата ќерка Вања Ѓорчевска, која беше убиена на 27.11.2023 година.
– Видовте дека денеска имаме поинаков распоред на седење во судницата, што е и нормално. Тоа беше побарано од моја страна од судијата, за да не дојде до евентуално нарушување на редот во судницата. Александар пред секое судење е под задолжителни седативи, кои го одржуваат да може како-така да го следи судењето. Тој имаше реакција, затоа што за прв пат во судница некој од обвинетите во писмена форма посочи кои точно лица учествувале во убиството на неговата ќерка. Тоа се случува за прв пат – рече адвокатот Туфегџиќ.
За повлекувањето на изјавата и објаснувањето како и под кои околности Кешишев ја дал, има надлежни органи за сето тоа да го утврдат, додаде адвокатот. Оваа изјава, потенцира Туфегџиќ, немаше да се случи ако имаше темелна и непристрасна истрага во текот на целата постапка.
– Денеска за прв пат слушнавме дека двете возила, цитроенот и рено канго биле поврзани уште од 27.11.2023 година, односно од денот кога е исчезнато девојчето. Слушнавме дека цитроенот е забележан и на 24.11.2023 година. Исказот од шефот на службата од „сејф сити“ во целост се поклопува, односно, ја потврдува одбраната на Александар. Полицијата уште на 27.11 имала поврзаност меѓу тие две возила. Александар за Панче и за неговото возило цитроен дознал во средата или во четвртокот, од пријателска врска од МВР, преку Гоце Трајковски. Добиваме полека целосна слика на реалната состојба на преземените дејства – рече Туфегџиќ.
Факт е, рече бранителот на Александар Ѓорчевски, дека во овој предмет има конфузија во испорачаните информации во јавноста.
– Како пример ќе го посочам делот дека е посочено дека само таткото се сомневал дека детето му е киднапирано, а од новинарските текстови од 27.11.2023 година содржат изјави на мајката која исто така, се сомнева дека девојчето е киднапирано. Во понатамошниот тек, се надевам, ќе дознаеме уште некои работи, особено прашањето кое изминатата недела повторно се спинува, а тоа е дека голем фаул на одбраната било тоа што таткото бил член на партијата Десна. Тоа прашање е расчистено, ЈО го има целиот список на основачите и членовите, нема име ниту на мајката, ниту на таткото како основачи, членови или активисти на оваа партија – изјави адвокатот Туфегџиќ по денешната главна расправа,
Убиството на Панче Жежовски се случи лани на 22 ноември во Велес, по што обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски му го зеле цитроенот и со него на 27 ноември ја киднапирале 14-годишната Вања Ѓорчевска во Скопје, па ја убиле. Таткото на Вања е обвинет за помагање во грабнувањето.