Фотографија од рачната граната којашто експлодираше во раката на 25-годишник на забава во Книн во Хрватска се појави на социјалните мрежи. Фотографијата ја објавило лице кое било присутно на забавата со натпис, „Селото ќе вечера во темница“, пишува хрватски Индекс.
Не е познато дали лицето кое ја објавило фотографијата е едно од четворицата ранети во експлозијата. Жена од соседството за медиумите рекла дека 25-годишниот М.П. кој загина во експлозија бил добро момче:
– Не го познавам момчето што почина, но другите велат дека бил душа, ведар, подготвен да помогне. Нека милиот Бог им даде сила на неговите родители да го издржат сето тоа што им се случи како и на другите чии деца беа повредени. Наводно, еден од повредените е во многу тешка состојба бидејќи синоќа бил префрлен во сплитската болница.
Таа вели дека не може да опише колку била исплашена и дека претпоставува оти се треселе прозорците на сите куќи во и околу улицата.