И денеска ќе дува силен ветер, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи. Издадено е жолто предупредување за поголемиот дел од Македонија.
„Денеска, особено долж Повардарието, ќе дува засилен до силен северен ветер, со брзина и над 60 километри на час. Претежно претпладне и во западните делови од земјата ќе има повремен снег на планините и на повисоките места каде што ќе се формира снежна покривка. Краткотраен снег слаб ќе има и понекаде и на пониските места“, се вели во ахтуелното предупредување на УХМР.
Многу силен ветер вчера предизвика голема материјална штета во повеќе градови и села.
Во Штип падна кров од зграда и од средното училиште „Коле Нехтенин“. И во Битола се урна кров од зграда. Локалните власти известија и за повеќе паднати дрвја и настрешници. Граѓаните на социјалните мрежи јавија за оштетени објекти и автомобили.
Надлежните апелираат граѓаните да бидат крајно внимателни и додека трае силниот ветер да не поминуваат покрај дрвја или настрешници.