Сите припадници на Министерството за внатрешни работи ќе добијат покачување на платите од најмалку 10 отсто, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека власта во Собранието ги одбила амандманите на Буџетот за 2025 година, со кои се бара покачување на платите на полицајците за 20 отсто. Не само за покачување, предидени се и значително повеќе пари за ферорма на полицијата.
„Како сектор којшто е до суштинско значење за мирот и за безбедноста на државата, со буџетот за 2025 година се предвидени пари за покачување на платите на полицајците во износ од минимум 10%. Исто така, со цел да се направи ефикасна полициска управа, што ќе одговара на потребите на граѓаните, предвидено е зголемувања од 240% на парите за реформи и модернизација на МВР“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, се додава, е посветена во МВР, како и во останатите сектори да спроведе сериозни реформи и инвестиции, за да се врати довербата на граѓаните во институциите и достоинството на државните службеници, вклучително и на полициските службеници.
„Каде беше Оливер Спасовски, скоро девет години министер за внатрешни работи, да бара покачување на платите на полициските службеници и за нив да обезбеди достојни услови за работа!? СДСМ ако беа навистина загрижени за припадниците на МВР, пред пет месеци, кога беа на власт, ќе предвидеа и ќе најдеа пари за исплата и зголемување на нивните плати. Наместо тоа, СДСМ со Спасовски на чело на МВР, ги деградираше полициските службеници. Во нивно време МВР го ставија во служба и заштита на криминалните групи и го претворија во центар во кој белосвестки криминалци слободно можеа да извадат македонски пасоши“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека не прифатила покачување на платата на полицајците за 20%.
„СДСМ поднесе амандман за зголемување на платите на полициските службеници и на сите вработени во МВР за 20%, но власта на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од мнозинството го одбија. Полицајците се клучна алка за безбедност и сигурност на граѓаните, чувари на редот и мирот. Тие се секогаш во првите редови подготвени да го ризикуваат својот живот за државата и за сите граѓани. Над 25 вооружени инциденти се случија во изминатите неколку месеци, што е јасен показател за значењето на полициските службеници за безбедноста и сигурноста на граѓаните“, соопшти СДСМ.
Секаде во регионот, се додава, има зголемување на платите во безбедносните сили, и тоа во Црна Гора платите се зголемени за 100%, во Србија за 45%, во Босна и Херцеговина за 40%, Албанија за 20% и во Косово за 30 проценти.